Македонија
Арсовска со реакција до премиерот: Поради континуирано задоцнетите мерки, сите плаќаме поскапа електрична енергија и парно

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вечерва со реакција по изјавите на премиерот Димитар Ковачевски. Тој порача „ВМРО-ДПМНЕ да се занимаваше со проблемите на граѓаните наместо со тендери, Град Скопје ќе ја преземеше обврската и управувањето со парното на скопјани“.
Наместо тоа, Ковачевски рече дека „таа обврска мораше да ја преземе Владата“.
„Парното во Скопје е обврска на Град Скопје. Меѓутоа, сите бевме сведоци кога градоначалничката на Скопје и нејзината политичка партија што ја поддржа, ВМРО-ДПМНЕ, со резигнација одбија да управуваат со нешто што е комунална услуга. Државата мораше да преземе бидејќи е одговорна и бидејќи мора да мисли на сите, да го преземе управувањето. Мене сега ми станува јасно зошто тие тоа го одбиле. Затоа што тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните. Тие се занимавале со тендери“ – потенцираше Ковачевски.
Следуваше реакција на Арсовска која ја пренесуваме интегрално:
„Жалам што морам уште еднаш да ја констатирам неспособноста на Владата за справување со предизвиците од енергетската криза, а со кои се соочуваат и скопјани.
Она што уште повеќе загрижува е неинформираноста на институциите за сопствените ингеренции кога станува збор за системот за снабдување со топлинска енергија односно парно греење.
Колку за потсетување, уште на 10.01.2022 година премиерот Ковачевски се пофали дека Владата нема да дозволи граѓаните на Скопје да останат без греење, за сега на веќе започната грејна сезона, наместо функционално решение, граѓаните да се соочуваат со ладни радијатори.
Ширењето невистини и манипулирањето на граѓаните нема да ја реши економската и енергетска криза. Напротив, премиерот Ковачевски би требало итно да се зафати со решавање на овие проблеми, наместо да шета од медиум на медиум и да пласира невистини.
За потсетување, Владата е таа која има дадено повеќегодишна концесија на БЕГ при што секако обврска и одговорност на Владата е да се справи и со последиците кои произлегуваат од таа концесија.
Согласно член 38 од Законот за енергетика вршителите на енергетските дејности се лица кои поседуваат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика која се издава за период од три до 35 години во зависност од видот на енергетската дејност, видот и обемот на обврската за обезбедување јавна услуга во вршењето на енергетската дејност, обемот на средствата потребни за извршување на енергетската дејност, времетраењето на правото за користење на соодветниот енергетски ресурс.
Град Скопје во ниту еден момент не бил носител на лиценца, напротив до енергетската криза на сите Влади очигледно им одговарало енергетските ресурси со кои се произведува, дистрибуира и снабдува со енергија, да бидат во рацете на приватници наместо да се третираат како национални ресурси кои се од исклучителен јавен интерес.
Владата кога беа милионски профитите на приватните компании кои раководеа со топловодната енергетска мрежа одбиваше таа да биде одземена од истите и да претставува национален ресурс, за сега да бара виновник за сопствените одлуки.
Обидите за префрлање на вина од оној кој не преземал соодветни мерки за амортизирање на ценовниот шок во кризава е дегутантно и непотребно, бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми. Поради континуирано задоцнетите мерки сите плаќаме поскапа електрична енергија, парно, нафтени деривати“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Македонија
Тошковски: Жителите во непосредна близина на пожарот да ги напуштат живеалиштата поради штетните сустанци, радијација нема

Локализиран е пожарот кој избувна во складиштето за електроника во Трубарево, пришто опожарена е и пластика.
Министерот Панче Тошковски вечерва на вонредна прес-конференција објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставани сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски, истакнувајќи дека на 400 метри од пожарот не е евидентирано загадување и ова се однесува на оние кои живеат во околината.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Пожарот се гасне со песок, по препорака на меѓународни стручњаци. Министерот потврди дека горат батерии што налага посебен начин на делување.
Македонија
Вечерва ќе има први резултати за квалитетот на воздухот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона, по пожарот што избувна во Трубарево.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва.
Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
1. Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
2. Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
3. Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
4. Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
5. Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
6. Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
7. Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.