Македонија
СДСМ: ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски се против ЕУ и сите стратешки одлуки на земјата

ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски е против сите стратешки одлуки коишто земјата ги има донесено од своето осамостојување до денес. Тие беа против зачленувањето во НАТО, преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, преговарачката рамка. Секогаш ВМРО-ДПМНЕ е против, но не гласа против, туку ја напушта Собраниската сала, а потоа се затскрива зад граѓаните со барање на одредени иницијативи, референдуми, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека од 17-те години чекање за почеток на преговори за членство во ЕУ 11 години на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Во тие деструктивни 11 години ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, од една страна беше декларативно за зачленување во НАТО и ЕУ, а од друга страна правеше сè тоа да не се случи. И сега Мицкоски продолжува по стапките на Груевски, со опструкции и блокади да го запре процесот на евроинтеграциите.
СДСМ нема да дозволи блокада, ги започнавме преговорите за членство, продолжуваме по европскиот пат. Македонската иднина е европска и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема да ја загрозат, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Се’ уште чади во Трубарево преку песокот со којшто е затрупан отпадот, спречено е ширење на пожарот

Благодарение на брзата и координирана акција на скопските пожарникари, спречено е ширење на големиот пожар што вчера избувна во Трубарево, во магацини со пластичен и електронски отпад, изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што рече, со навременото делување спасени се четири објекти, но и голема количина на пластичен отпад до која не дошол огнот.
И покрај тоа, чадењето сè уште е присутно од под песокот со кои се затрупани литумските батерии. Пожарникарите во моментов работат на навлажнување на песокот за целосно догаснување, со оглед на тоа што ваквиот вид отпад е исклучително тежок за гаснење, рече Ангелов.
Паралелно, околу 2:30 часот по полноќ, екипи на скопската противпожарна бригада интервенирале и на депонијата Дрисла, каде биле забележани пламени јазици. Се работело за испарување на гас, а брзата интервенција спречила опасност пламенот да го зафати главниот дел од депонијата.
„Состојбата во Дрисла е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел, бидејќи најмалку половина од местото што гореше вчера е веќе покриено. Дел од механизацијата беше пренасочена во Трубарево,“ изјави Ангелов.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека ги подметнува пожарите на депониите

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ги обвини опозициската СДСМ и ДУИ за намерно подметнување на пожарите околу Скопје.
„Хипокризијата кај СДС е се поизразена – наутро сеат страв со повици граѓаните да седат дома, а навечер прават журки во Градски парк, во меѓувреме се занимаваат со специјалноста палење депонии, одговорност ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека честите пожари во депониите не се случајни, туку се организирани од двете партии, и најавуваат одговорност за секој што, како што наведуваат, „игра со здравјето на граѓаните заради власт“.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера кога избувна големиот пожар во Трубарево во фирма која се заминава со елекронски отпад и пластика го впери прстот во опозициските партии. Од друга страна, СДСМ за состојбата со пожарите на депониите ги обвини кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на СДСМ, Венко Филипче, вчера преку својот профил на Фејсбук упати јавна реакција за пожарот во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните. Тој ги повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.
Македонија
Меџити доцна синоќа се огласи за Трубарево: Пожарот е под контрола, резултатите од мерењата се очекуваат

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, доцна синоќа се јави од Трубарево, каде што вчера избувна голем пожар во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад, што предизвика ширење на штетни супстанци во воздухот.
„Денешниот пожар во објектот за рециклирање на батерии и електронски отпад разбирливо предизвика загриженост кај сите граѓани. Фирмата има 10-годишна дозвола добиена во 2021 година. Апелирам на смиреност и доверба во институциите. Веднаш реагиравме, нашите инспектори го мереа квалитетот на воздухот и ситуацијата е под контрола,“ изјави Меџити во изјавата испратена до медиумите околу 3 часот по полноќ.
Тој рече дека првите резултати од мерењата се очекуваат во секој момент, но податоците утрово не се објавени.
Министерот за животна средина пристигнал во Трубарево доцна навечер, а во текот на целото попладне присуствуваше на партиските активности. Тој не се појави ниту на вонредната владина прес-конференција за пожарот, на која присутни беа министри од сите засегнати ресори, а новинарите го бараа поради итноста на состојбата. Меџити неколкупати се вклучи во живо на социјалните мрежи од партиските активности на кои присуствуваше во пресрет на локалните избори, каде е кандидиран за градоначалник на Чаир.