Македонија
(Видео) Митева: Наместо нови учебници, МОН платило 530.000 евра за привремени материјали за учење
Во Министерството за образование и наука сè е сведено на импровизации што скапо се плаќаат. Јавноста добро е запознаена дека наместо нови учебници, се изготвија привремени материјали за учење и, верувале или не, истите тие привремени материјали чинат 32.581.158 денари или 530.000€. Овие експерименти во МОН се со следниов тек. Половина милион евра се плаќаат таканаречени скрипти, кои ќе служат еднократно. Се покрива неспособноста на власта навреме да се обезбедат учебници и се создава простор за профит на поединци, изјави на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева истакна дека ова буквално значи дека децата ќе учат од материјали, кои власта успеала да ги скрпи пред самиот почеток на учебната година, затоа што со години ништо не преземаат. И наместо нови учебници имаме компилација на привремени материјали од минатогодишните учебници и дел од новите која Министерството за образование и наука ја платило 530.000€.
Додека наставниците, учениците и родителите се обидуваат да се справат со тоталниот колапс, експериментите што се целосна алтернатива на учебникот чинат илјадници евра. Тука се поставуваат три сосема логични прашања за кои Министерството за образование и наука е должно да одговори. Прво, кој ги одобрил овие материјали да бидат составен дел од образовниот процес на ученикот и второ, кој и зошто ја определил оваа енормно висока цена за привремени материјали за учење од кои дел се збир од учебен материјал од минатата година? И трето и најважно, кој профитира од дупло печатење кога можеле да се испечатат учебници наместо привремени материјали? Дали два пати се плаќа за иста работа и дали за ова некој зема голема провизија?
Ова е уште еден огромен скандал во образовниот систем каде криминалната власт на СДСМ заработува, додека се случува тотален распад на системот и на институциите, изјави Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавен предлог-списокот за лектири за основно образование, МОН повика на јавна дискусија за негово дефинирање
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за новиот предлог список за лектири за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието, активно да се вклучат во дефинирање на современ, инклузивен и квалитетен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
Потребата од ажурирање, како што велат од МОН, произлегува од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст.
Се додава дека одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.
Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби.
„Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој“, велат од МОН.
Списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.
Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: [email protected] најдоцна до 30 ноември 2025 година.
Македонија
До ДИК поднесени приговори за резултатите во Брвеница, Шуто Оризари и Карпош
До претпладнево, во Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени вкупно 16 приговори во врска со постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, одржан во неделата, на 2 ноември.
Хаким Рамадани кој беше поддржан од коалицијата Влен за градоначалник на Брвеница, поднел приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите на избирачките места 2034, 2033, 2032 и 2035 во Брвеница.
Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачки места во Шуто Оризари, а приговори поднел и Сојузот на Ромите.
Приговори поднела и коалицијата „Искуство за успех“ за две избирачки места во Карпош.
Рокот за поднесување на приговори истекува денеска во 16:30 часот, односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати.
Македонија
„Влен“: Ако за ДУИ промената значи само смена на координаторот Беџети, тогаш го запечати својот политички крај
Движењето ВЛЕН во соопштение оцени дека дебаклот бил јасен како ден и дека ДУИ е избришана од политичката карта.
„Сите го видоа, сите знаат дека ДУИ е избришана од политичката карта. Само оние што ја уништија, денес се прават дека не разбираат. Наместо да го прифатат крајот, тие измислуваат теории на заговор како што некогаш правеше нивниот пријател кој сега живее во егзил, Никола Груевски. Тие измислуваат имагинарни непријатели и следни ‘виновници’, но никогаш себеси. Две децении ја хранеа власта со лаги и страв, а денес, кога народот им ја затвори вратата, немаат ни минимално достоинство да молчат. ДУИ не падна случајно, туку беше соборена од ароганцијата, измамата и кражбата што ја претворија во партиска култура,“ се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН додаваат дека најавите за анализа во партијата не се искрени:
„Велат дека ќе ‘анализираат’. Но, каква анализа е ова, кога пред јавноста се појавуваат истите лица што ја уништија партијата? Наместо размислување, тие продолжуваат со пропаганда. Блерим Беџети повторно се појавува на сцената, човекот кој симболизира сè што Албанците го отфрлија: ароганција, неморал и навреда на интелигенцијата на граѓаните. Со секое јавно појавување, ДУИ уште еднаш го запечатува својот неуспех, докажувајќи дека повеќе нема идеи, нема морал и нема луѓе што можат да ја спасат од колапс.“
Во соопштението се вели и дека најавените реформи во ДУИ се само формални:
„Сега дури се двоумат да го употребат зборот ‘реформа’ и да го заменат со формулата ‘да им се даде простор на новите генерации’. Но, како го започнуваат ова? Со тоа што како знак на промена објавуваат дека Блерим Беџети повеќе нема да биде координатор на пратеничката група! Ова е ‘реформата’ што ДУИ ја ветува за поместување на столчињата, но не и на луѓето кои две децении станаа синоним за ароганција и злоупотреба. Ако за нив ‘промената’ започнува и завршува со Блерим Беџети, тогаш ДУИ го запечати својот политички крај,“ завршува соопштението на ВЛЕН.

