Македонија
(Видео) Јанчева: Проектите во Скопје стојат заради бизнис-интереси на ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Мицкоски
Цела година Скопје стои во место поради лични и бизнис-интереси на шпицниот градоначалник и ВМРО-ДПМНЕ. По 11 месеци локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, повеќе од јасно е дека приоритет им биле тендерите и личните интереси, а решавањето на проблемите на граѓаните на последно место. Наместо за скопјани, се правеле планови за тендери, провизии, влијанија. На крајот кога очигледно не можеле да се договорот јавно се скараа. Резултат од нивните кавги се стопирани проекти и негрижа за скопјани, изјави на денешната прес-конференција Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје.
Таа додаде дека проектот БРТ за брзиот автобуски транспорт во Скопје не се реализира, иако за него има одобрени средства. Недоправена стои Универзалната сала, иако за реконструкцијата има одобрено средства. Нема напредок ниту кај клучката во Момин Поток, не се гради мостот на Љубљанска, не е пуштен мостот што ги поврзува Аеродром и Керамидница, ниту улицата Есенинова. Заглавена е пречистителната станица за која во ВМРО-ДПМНЕ расправаат околу провизиите за тендерот во вредност од 136 милиони евра.
Јанчева истакна дека нема ниту нови автобуси, за кои Христијан Мицкоски како шпицен градоначалник јавно се пофати дека ги договарал. И ред други проекти и ветувања во Град Скопје стојат, се откажуваат и не се реализираат. Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа Арсовска, и ги собираше потписите, заедно тераа кампања и ветуваа проекти пред Скопјани.
Сега ја знаеме причината зошто ништо не е релизирано – локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ наместо да се занимава со решавање на проблемите на граѓаните, се занимава со тендери и лични интереси, изјави Јанчева.
Таа ги повика Мицкоски и градоначалничката Арсовска да ги исполнат обврските што ги презеле пред граѓаните или да излезат и им се извинат за тоа што ги излажаа на локалните избори во 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со букет цвеќе Ѓорѓиевски ја испрати Арсовска и ја презема градоначалничката функција
Со куса средба и букет свежо цвеќе заврши примопредавањето на должноста градоначалник на Град Скопје меѓу досегашната градоначалничка Данела Арсовска и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски и подари букет со свежо цвеќе на Арсовска.
Претходно, тој од Градската изборна комисија на Скопје го доби уверението дека е избран за прв човек на македонската метропола. Данела Арсовска денеска го заврши својот четиригодишен мандат за кој беше избрана во 2021 година.
Македонија
Професори од четири европски држави во посета на Собранието
Во рамките на Еразмус+ проектот „Уметничко патување кон зелена иднина“ (Artistic Journey to Green Future), денес Собранието на Република Северна Македонија го посетија професори од сите нивоа на образование од Хрватска, Турција, Малта и Шпанија.
Посетата беше организирана во соработка со Фондацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“. Од страна на Нена Неновска – Ѓорѓиевска од Фондацијата, пратениците беа запознаени со активностите и целите на проектот, по што следеше дискусија за темите што ги обединуваат образованието, уметноста и заштитата на животната средина.
Гостите имаа можност, покрај организираната обиколка на зградата на Собранието, да се сретнат и да разменат искуства со пратениците Велика Стојкова Серафимовска и Тони Јаревски, членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во отворен разговор, тие дискутираа за состојбите со животната средина, заштитата на водите, почвата и воздухот, како и за третманот на цврстиот отпад и другите предизвици во оваа област. Пратениците ги запознаа гостите и со работата на неформалната „Зелена група“ во Собранието, која се залага за унапредување на еколошките политики и зајакнување на јавната свест за климатските прашања.
Во текот на средбата беа поставени бројни прашања и споделени примери од практиките во различни европски земји, со заедничка порака дека одржливиот развој и заштитата на природата се заедничка одговорност.
Посетата претставува уште еден пример на успешна соработка меѓу образовните институции и Собранието, како и на важноста од интеркултурен дијалог и споделување на искуства во насока на зелена иднина.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Христо Смирненски 13
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул.Христо Смирненски 13, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (потегот од Зур маркет до бул.Партизански Одреди).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

