Македонија
Николовски: Со донацијата на Италијански карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена
Денеска, во кругот на касарната Ѓорче Петров во Скопје, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во присуство на италијанскиот амбасадор Н.Е Андреа Силвестри и военото аташе за одбрана на Италија, г. Стефано Анџиони, ја прими огромната донација на униформи и опрема од Италијански карбинери, наменета за Шумската полиција.
Постапката за оваа огромна донација започна во декември 2017 година. Во текот на овој месец веќе пристигнуваа првите камиони со донацијата и се складираа во магацините на Министерството за одбрана, пред да бидат распоредени во шумско-полициските станици низ целата територија на државава.
„Пристигнаа првите 14 од вкупно 20 камиони со над 6000 парчиња летни и над 11000 парчиња зимски униформи, над 1600 парчиња мантили, 8500 летни кошули, 5000 зимски кошули, како и волнени џемпери, чорапи, маици, елеци, капи, високи и ниски чизми, спортски обувки, ранци, кабаници за дожд и друга дополнителна опрема за терен. Вкупната бројка на донираните униформи и друга опрема е околу 46.000 парчиња, во вредност од 4.2 милиони евра. Ова е огромна поддршка за Шумската полиција и јас уште еднаш упатувам огромна благодарност до Карабинери на Италија и италијанската амбасада“, изјави министерот Николовски.
![]()
![]()
Тој упати благодарност и до Министерството за одбрана и министерката Славјанка Петровска, за соработката и помошта за отстапување на магацински простор за безбедно да се прими и складира оваа огромна пратка.
Дел од опремата и униформите за Шумската полиција може да биде наменета за територијалните противпожарни бригади, полицијата, армијата и дирекцијата за заштита и спасување, како и за ЈП „Национални шуми“, со оглед на тоа што донацијата е во огромни количини и содржи и противпожарна опрема, огноотпорни чизми, панталони и ракавици.
Министерот Николовски потсети дека минатата година Шумските полицајци за првпат по 12 години добија по два сета зимски и летни униформи и чизми во вредност од околу 15 милиони денари, средства кои беа обезбедени од буџетот на МЗШВ. Униформите беа изработени согласно стандардите на Европската Унија, како и меѓународните прописи во однос на дизајнот и производството, а посебно во однос на безбедноста и здравјето нa вработените.
„Сега, преку донацијата на Италијански карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена со сè што е потребно за нивно непречено извршување на задачите. Да не заборавиме дека шумските полицајци работат тешка и одговорна задача и често пати во борбата со организираниот криминал на дива сеча, нивните животи се во опасност, а до скоро тие немаа основни средства за работа. Драго ми е што моето залагање за опремување на шумските полицајци, кое го започнав уште за време на мојот прв мандат, сега го гледам целосно реализиран. Верувам дека шумските полицајци и понатаму ќе вложуваат максимални напори во борбата за сузбивање на организираните групи на дрвокрадци“, потенцираше Николовски.
Значителна е и поддршката на шумската полиција која редовно се вклучува и во борбата против шумските пожари. Министерот Николовски упати јавна благодарност до сите вработени шумски полицајци за нивното совесно и одговорно извршување на работните задачи, за што секторот има и официјална потврда од Светската царинска организација и Интерпол.
Деновиве ќе пристигнат уште 6 пратки со што донацијата ќе биде целосно испорачана, по што ќе следи распоредување до вработените.
Бескомпромисната борба против организираниот криминал и нелегалната сеча ќе продолжи и понатаму, а министерството и понатаму ќе се грижи за континуирано подобрување на условите за работа на шумската полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

