Економија
Ковачевски: Инвестираме во инфраструктура и во услови на светска криза – 70 милиони евра за локални патишта
Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод презентација на „Проектот за поврзување на локалните патишта”. На настанот свои обраќања имаа и министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, за внатрешни работи Оливер Спасовски, а свое видеообраќање имаше и Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во земјава.
Премиерот Ковачевски истакна дека преку овој проект, со 70 милиони евра обезбедуваме подобра инфраструктура и ги реконструираме локалните улици и патишта во сите 80 општини низ државата и Град Скопје.
„Ова е најкрупниот и најзначаен проект за општините, каде со директна помош се подобрува инфраструктурата на локално ниво. Проектот се реализира од 2020 година и до сега се опфатени над 90 улици во 44 општини. Согласно планот, вкупно за реконструкција се планирани околу 450 километри локални улици и патишта во сите 80 општини, до 2024 година. Еден од стратешките приоритети на Владата е развој на функционална, безбедна и одржлива инфраструктура како клучен фактор за создавање рамнотежа во економијата и во општествениот и регионален развој, заштита на животната средина и подобрување на конкурентноста во државата. Развиена локална инфраструктура, значи и развиена економија. Со овој проект обезбедуваме подобра инфраструктура во општините, го олеснуваме животот на граѓаните, го подобруваме урбаното живеење, обезбедуваме локален економски развој, безбедност во сообраќајот и подобра комуникација меѓу граѓаните. Општините добиваат неповратни средства што е од огромна корист за нив да се реконструираат улици и патишта кои се приоритетни за граѓаните“, рече Ковачевски.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека само преку пет поголеми проекти, меѓу кои и „Проектот за поврзување на локалните патишта“, инвестирани се над 250 милиони евра во општините.
Министерот Бочварски рече дека инвестициите во инфраструктурата се од клучно значење за економскиот раст и развој на државата.
„Посебно ако тие директно се насочени кон општините заради локален економски развој, но и подобрување на урбаното живеење на граѓаните. Во овој период посетив голем број општини, остварив средби со градоначалниците, граѓаните и општинската администрација и секаде ги имавме истите предизвици, а тоа е реализација на крупни проекти во општините за подобрување на локалната патна инфраструктура.
Сите се согласуваме со оправданоста и целта на овој проект. Рехабилитацијата на локалната патна мрежа, верувам дека ќе се согласите, е прв и основен приоритет за граѓаните, за економијата, но и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Масимилијано Паолучи од Светска банка во своето видеообраќање, истакна дека Северна Македонија прави сериозни напори за подобрување на локалните патишта. Зборуваше за важноста на проектот и зајакнување на капацитетите за подобрување на локалната инфраструктура со цел подобрување на животот на граѓаните на локално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

