Економија
Николовски: 140 милиони денари за млекопроизводителите и 20 милиони за откуп и дистрибуција на јаболкото
Владата на седница усвои две нови мерки за поддршка на земјоделците. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, образложи дека мерките опфаќаат над 140 милиони денари за млекопроизводителите и 20 милиони денари за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје.
„Интервентната програма ја дополнуваме со нова мерка вредна над 140 милиони денари за финансиска поддршка на млекопроизводителите за литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети за периодот од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година. Целта на оваа интервентна мерка е поддршка во намалување на трошоците и на загубите кај млекопроизводителите, кои како резултат на светската криза се јавија со последните поскапувања на репроматеријалите и сточната храна. Средствата за оваа мерка се веќе обезбедени преку ребалансот на буџетот.
Млекопроизводителите ја имаат нашата поддршка. Платежната агенција уште во јуни оваа година изврши исплата кон 10.277 млекопроизводители во висина од 76,3 милиони денари за предадено млеко во периодот од јануари и февруари 2021 година. Од страна на Платежната агенција до Министерството за финасии поднесени се налозите за исплата и на предаденото млеко за март, април и за мај 2021 година кон речиси 6.000 корисници во вредност од 150 милиони денари“, рече Николовски.
Преку програмата за рурален развој со мерката за набавка на високопедигриран добиток се обезбедува поддршка кон сточарите за зголемување на сточниот фонд. За оваа мерка, како што рече Николовски, само оваа година склучени се 103 договори во вредност од 253 милони денари, преку кои се зголемува сточниот фонд за нови 3.842 грла високопедигриран добиток.
Исто така, преку програмата за рурален развој оваа година обезбедена е поддршка на сточарите во изградба на мандри. Поддршката е во форма на кофинасирање до 75 проценти од вкупната сума, односно до 600.000 денари од корисник, а аплицирале 8 апликанти.
„Во согласност со подготвената динамика веќе се реализирани исплатите на основните субвенциите кон сточарите од грло. Вкупно исплативме 670 милиони денари кон 20.261 сточар. Исплатени се субвенциите за обележани говеда, кози, овци, финасиска поддршка за огледани и заклани гоеници во регистрирани кланички капацитети и презимени пчелни семејства. До крајот на оваа година комплетно ги расчистуваме сите заостанати обврски кон земјоделците и почнуваме со авансна исплата на субвенциите.
Обезбедуваме доволно храна за сите граѓани. Леб, брашно, млеко и зејтин ќе има“, вели Николовски.
Дополнително, на денешната седница Владата ја усвои и новата програма за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2022 година. За реализација на оваа програма Владата од буџетот издвојува 20 милиони денари.
Станува збор за нова програма со која се овозможува финансиска поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболко од реколтата 2022 година, а целата откупена количина јаболка ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државни основни училишта во земјата, најдоцна до 15 декември 2022 година.
„Со оваа мерка ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужинка за нашите деца во основите училишта. Преку оваа програма опфаќаме приближно 350 основни училишта, односно обезбедуваме здрава ужинка за речиси 186.000 ученици.
Како министерство и Влада продолжуваме да работиме во интерес на земјоделците“, додаде министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Силна доверба од меѓународните инвеститори- успешно реализирано издавањето на 10-тата Еврообврзница
Министерството за финасии успешно ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата Еврообврзница.
„Министерството одлучи да издаде еврообврзница со две транши од по 500 милиони евра – со рок од 4 години и со рок од 8 години. Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од дваесет години.
Само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигна импресивни две милијарди евра, со диверзифицирана база на инвеститори ширум светот, вклучувајќи еминентни институционални инвеститори од Германија, САД и Велика Британија“, соопшти Министерството за финасии.
„Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, што претставува исклучителен показател за силната доверба во економските политики и стабилноста на земјата.
Повеќе од 150 глобални инвеститори изразија интерес да ја поддржат државата во овој проект, што претставува дополнителен квантитативен доказ во прилог на фискалната стратегија на Министерството за финансии.
Во случајот на двете транши, каматата е најблиска во однос на референтната вредност на Еурибор, споредувајќи ги сите издавања на обврзници во последните дваесет години.
Каматните стапки за двете транши изнесуваат: 3,875 % за траншата со рок на достасување од 4 години и 4,750% за траншата со рок на достасување од 8 години.
Со изборот на стратешкиот моментот на издавање, како и со структурата на задолжувањето, беше постигнато значително намалување на приносите – конкурентно во однос на земјите со инвестициски кредитен рејтинг (околу 0,5% во споредба со просекот од 0,25%). Тоа дополнително се потврдува со фактот за големата побарувачка од страна на најеминентните меѓународни инвеститори.
Излезот на меѓународниот пазар има стратешки карактер, имајќи ги предвид потенцијалните турбуленции во доменот на геополитиката и макроекономската неизвесност на глобално ниво.
Министерството за финансии останува посветено на транспарентност и стабилност, со цел обезбедување најповолни услови за финансирање и зајакнување на позицијата на земјата на меѓународните финансиски пазари.
Во насока на одговорно и стратешко управување со јавните финансии, Министерството за финансии во последниот квартал од 2025 година интензивно работеше на анализа на пазарните услови со цел да го определи најсоодветниот момент за стратешки излез на меѓународниот пазар на капитал на почетокот од 2026 година.
Како дел од овие активности, тимот на Министерството за финансии во ноември реализираше посета на Лондон , каде што во организација на водечки инвестициски банки ја претстави земјата пред повеќе од 40 инвеститори.
Во периодот од 11 до 12 јануари 2026 година, Министерството оствари средби со повеќе од 60 глобални инвеститори, меѓу кои најголемите пензиски фондови и осигурителни компании од САД, како и инвестициски фондови од целата Европска унија. Bank of America имаше водечка улога во координацијата на процесот на издавање на обврзницата.
Со оваа Еврообврзница, планирана во Буџетот за 2026 година ќе се изврши исплата на Еврообрзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра и се обезбедуваат средства за буџетскиот дефицит којшто е насочен кон реализација на развојните проекти.
Издавањето на Еврообврзницата е согласно напорите на Министерството за финансии за адекватно управување со јавниот долг и да се одржи стабилноста на јавните финансии на среден и долг рок.
Државата стана прва земја во регионот и прва земја надвор од Европската унија која излегува на меѓународниот пазар на капитал, што сведочи за довербата во напорите на Министерството за финансии, особено имајќи го предвид износот на задолжувањето“, се наведува во соопштението на Министерството за финасии.
Економија
Божиновска-Кавахара: Продлабочување на соработката за безбедна и одржлива енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара.
На средбата присуствуваа и претставници од јапонската корпорација ИТОЧУ (ITOCHU), една од водечките и најреномираните компании во Јапонија, позната по своите инвестициски активности и експертиза во енергетски и индустриски проекти. ИТОЧУ е сериозна компанија со глобално присуство, која покажува интерес и за македонскиот пазар и потенцијалите за зелена енергетска трансформација во земјата.
На средбата се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, како и за заеднички проекти поврзани со зелената транзиција.
Министерката Божиновска истакна дека нашата земја е посветена на преземање конкретни чекори кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Таа ја оцени поддршката од јапонска страна како значајна за обезбедување на енергетска независност и одржливост.
Двете страни ја потврдија потребата од зацврстување на позицијата на Северна Македонија на глобалната енергетска мапа како кредибилен и доверлив партнер во светската транзиција кон зелена енергија. На крајот, беше заклучено дека соработката во областа на енергетските реформи и инфраструктурните проекти ќе продолжи и во иднина.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство
(ПР)

