Македонија
Волците во одбрана на Ковачки: Премиерот да му се извини што лажно го клевети за да се спаси од срамот

Дел од поранешните и сегашни припадници на Баталјонот за специјални намени „Волци“ во отворено писмо реагираат во одбрана на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, откако премиерот го нарече кодош, дезертер и странски шпион.
Нивната реакција ја пренесуваме во целост.
„Ние, поранешни и сегашни припадници на ‘волците’ сме кажале дека политиката никогаш не била и никогаш нема да биде наша работа. Нас политика не нè интересира. Облековме униформа за да ја браниме државата од надворешни и внатрешни непријатели.
Тоа го докажавме во одбраната на државата во 2001 година ( но и пред и по неа ). Сите ние во Баталјонот за специјални намени „Волци“ ги имавме отпишано животите уште кога пристапивме во единицата.
Ние бевме свесни дека со една нога секогаш сме во гроб.
Реагираме по повод изнесените лаги за братот Драган Ковачки, кој од страна на премиерот Димитар Ковачевски беше наречен дека е кодош, дезертер и странски шпион.
Ние нема да дозволиме некој што не облекол чизми и одбегнал да служи тогаш кога наши браќа гинеа на фронтот да го омаловажува и навредува Драган Ковачки, кој беше дел од нас и сè уште е дел од нас.
Ние со сета своја војничка чест и интегритет потврдуваме дека ова се бесмислени лаги искажани од првиот човек на Владата.
Драган Ковачки е директен учесник во 2001 година како лидер на Противтерористички тим. Учесник е во сите борбени дејствија на единицата, а поради воени заслуги Драган Ковачки е вонредно унапреден во повисок чин.
Само да ја потсетиме јавноста, под учество во борбени дејствија подразбираме офанзивни (нападни) борбени дејствија.
Драган Ковачки беше со нас во Ирак во 2003 година во првата ротација. Беше офицер за специјални операции и за разузнавање.
За таа прва ротација постои и објавена книга под наслов „Патот за Вавилон”. Премиерот кој не служел војска треба да ја прочита книгата за да согледа кој е Драган Ковачки пред да го обвинува дека е шпион за странски служби.
Премиерот Ковачевски веднаш треба да му се извини на братот Драган Ковачки затоа што лажно го клевети за да се спаси себеси од срамот што му го откри токму Ковачки.
Оттука понатаму ние не се мешаме, само сакавме да укажеме дека Драган Ковачки ја има нашата поддршка, а премиерот Димитар Ковачевски ја нема нашата поддршка затоа што одбегнал воена обврска и не ни се придружи во 2001 година.
Предавството од своите боли повеќе од куршумот на непријателот. Ова ние најдобро го знаеме и го искусивме неколку пати наназад во нашето постоење.
Ова јавно напаѓање со измислени работи кон Драган Ковачки е напад на сите нас, но и на сите припадници на специјалните единици и воопшто на припадниците на АРМ.
СЕКОГАШ И СЕКАДЕ ПРВИ!
Со должна почит кон Драган Ковачки.
Дел од поранешни и сегашни припадници на Баталјонот за специјални намени „Волци“, се наведува во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството ќе нареди обдукција по смртта на Панчо од ДНК

Јавното обвинителство ја потврди информацијата за смртта на Владимир Блажев – Панчо од ДНК, кој почина утрово, седум месеци по пожарот во „Пулс“ кој избувна на 16 март.
„Обвинителството ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“, велат од Обвинителството.
Блажев извесно време бил во кома, а по пожарот се здоби со тешки изгореници на лицето и на рацете. Тој беше и меѓу осомничените за пожарот во Кочани кој избувна од пиротехника на сцената, но постапката за него беше прекината. На лице место загина и неговиот соработник од дуото ДНК, Андреј Ѓоргиески. Животот го загубија и други членови на бендот – професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс. Панчо е 63 жртва на пожарот во кој згаснаа животите на младите луѓе, а ден подоцна од тага загина и возачот на брзата помош, Иле Гочевски од Кочани, кој цел ден и цела ноќ ги пренесуваше повредените низ болниците.
Македонија
Мицкоски: Комплетно реновирано одделение на Клиниката за трауматологија

Комплетно е реновирано одделение на Клиниката за трауматологија, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој беше во посета на Клиниката.
„Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за можноста да бидеме денес тука, да им се заблагодарам на здравствените работници коишто се дел од оваа клиника што работеле и имале трпение во услови коишто биле такви какви што биле, да бидам попрецизен- никакви. Она што ние планираме да го правиме во здравството после завршувањето на локалните избори, ќе бидат озбилни, структурни реформи бидејќи имам чувство дека годишно трошиме околу една милијарда евра, а не го добиваме тоа што граѓаните и пациентите го заслужуваат. Но, исто така и здравствените работници, се разбира“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека има премногу надворешни влијанија кои треба да бидат минато ако сакаме да имаме здравствен систем во којшто ќе имаме задоволни здравствени работници и задоволни пациенти.
Македонија
Јаневска: „Еразмус“ доби 7 милиони евра за 161 проект

Со „Еразмус штафета – кутија во движење“, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја започна агендата за одбележување на Еразмус денови 2025.
Учениците и наставниците од основното училиште „Ацо Шопов“ во Бутел се првите што симболично во кутијата ќе ги остават своите пораки и препораки за да стимулираат нови корисници на програмата. Откако кутијата ќе ги заобиколи училиштата во државата, сите писма ќе бидат јавно објавени.
На отпочнувањето на активноста присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која изрази задоволство што по повеќе години во кои кредибилитетот на Националната агенција беше доведен во прашање, поради констатирани нерегуларности во работењето, доаѓа период во кој оваа институција започнува нормално да функционира.
„Довербата е вратена, одобрени се средства од ЕУ за финансирање на проекти во рамки на Еразмус програмата за 2025 година, за која пак, интересот е значително пораснат. Тоа се гледа од фактот дека годинава за над 100% е зголемен бројот на апликации за проекти за мобилности на ученици и наставници во рамки на Еразмус, споредбено со лани. Ако во 2024 беа поднесени 150тина апликации, годинава се поднесени над 300“, рече Јаневска.
Информираше дека договори ќе бидат потпишани за 161 проект во вредност од околу 7 милиони евра и тоа претежно од областа на инклузијата, нови методи на учење и подучување, дигитална трансформација и демократија, а ќе бидат опфатени 270 институции и организации од Македонија.
Директорката на Националната агенција, Ана Михајлов рече дека е задоволна од сработеното во изминатите два месеци, а најважно е што се откочени процесите кои беа доведени во прашање во изминатите неколку години.
„Веќе ги добивме средствата од ЕУ и ќе издвојам дека оваа година партнери на нашите институции, организации и училишта во реализација на проектите се сродни институции и организации од земји како Италија, Шпанија и други од ЕУ, за разлика од порано кога најчесто вмрежувањето беше со земји од Западен Балкан. Секако и натаму се негува регионалната соработка, но добро е што одиме и малку пошироко во Европа“, рече Михајлов.
Директорката посочи дека оваа година ќе има 600 мобилности повеќе споредбено со лани, што значи зголемен број учесници и корисници на придобивките од Еразмус.