Македонија
Пендаровски во Бугарија ќе се сретне со Радев и Урсула фон дер Лаен

Претседателот Стево Пендаровски, по покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, денес во Софија ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.
На церемонијата, што ќе се одржи во Националната палата на културата во Софија, ќе присуствуваат и Урсула фон дер Лаен, претседателка на Европската комисија, Илхам Алијев, претседател на Република Азербејџан, Киријакос Мицотакис, премиер на Хеленската Република, Николае-Ионел Чука, премиер на Романија, и Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.
Предвидено е претседателот Пендаровски да одржи средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.
Гасниот интерконектор Грција – Бугарија (проект IGB) ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора.
Имплементацијата на проектот има цел да обезбеди диверзификација не само на рутите туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
Во рамките на посетата на Република Бугарија, претседателот Пендаровски на автопатот „Струма“ ќе положи цвеќе на местото на автобуската несреќа, во која на 23 ноември 2021 година загинаа 45 македонски граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најуспешните ученици од општина Илинден на летен камп во Охрид

И ова лето, Општина Илинден го организира традиционалниот училишен летен камп, како награда за најуспешните ученици од општинските основни училишта. Избраната група на талентирани млади оваа година уживаат во престојот во еден од најпознатите туристички центри во земјава – градот Охрид.
Проектот е дел од Програмата за работа на градоначалникот Александар Георгиевски и Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022–2026, со фокус на поддршка, мотивација и развој на младите генерации.
Учениците ги посети лично градоначалникот Георгиевски, кој во пријатна и мотивирачка атмосфера им порача дека вложениот труд и стекнатото знаење се најголемото богатство, кое секогаш ќе биде препознаено и наградено.
Општина Илинден останува доследна во својата заложба да креира позитивна средина за раст и развој на младите, со јасна визија – ваквите проекти да продолжат и во иднина.
Македонија
Азербејџан ќе ја засилува соработката со Македонија за снабдување со гас – Гаши се сретна со Алиев

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска имаше средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји и беше нагласена потребата за дополнително продлабочување на меѓусебната соработка.
Официјалната посета што се реализира од 17 до 19 јуни 2025 година, претседателот Гаши ја оствари на покана на претседателката на Националното собрание на Република Азербејџан, Сахиба Гафарова, а Делегацијата ја сочинуваат пратеникот Петар Марков, кој е и претседател на Пратеничката група за соработка со парламентот на Република Азербејџан; пратеничката Имрлије Салиу Фетаи, членка на групата; како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
„Ова е прва официјална билатерална посета на претседател на Собранието на Република Северна Македонија на Република Азербејџан, што е показател за заедничкиот интерес за унапредување на меѓусебната соработка и градење на партнерски однос меѓу двете држави“, велат од законодавниот дом.
На состанокот со претседателот Алиев, претседателот Гаши истакна дека ние како држава, особено во овој мандат, сме посветени на проширување на хоризонтите и на јакнење на партнерства со држави со кои, независно од тоа што не припаѓаме на ист регион, имаме заеднички интерес за соработка и градење мостови на пријателство.
Тој додаде дека ние не отстапуваме од нашиот евроинтегративен пат, и покрај предизвиците со кои се соочуваме, но сме цврсто решени да ги прошириме нашите партнерства со држави како што е Азербејџан, со која немаме отворени прашања, а имаме заеднички интерес за соработка.
Претседателот Гаши нагласи дека имаме заедничка заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас, имајќи ги предвид ресурсите на Азербејџан и за нивната присутност на Балканот и во дел од земјите на Европската Унија.
Претседателот Алиев истакна дека Република Азербејџан веќе работи на можностите да се обезбеди долгорочна соработка меѓу двете држави во делот на снабдувањето со гас, при што истакна дека покрај соработката во енергетскиот сектор, треба да се размислува и за зголемување на трговската размена и соработка во делот на транспортот.
Двајцата соговорници оценија дека двете земји, покрај на соработката во областа на транспортот, трговијата и економијата, можат да се фокусираат и на соработка во културата и туризмот, бидејќи и двете држави имаат што да понудат, а тоа може да придонесе во зближување на народите.
Македонија
ДУИ: Непочитувањето на албанскиот јазик огледало на Влада што го негира мултиетничкиот реалитет на државата

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради континуираното занемарување на употребата на албанскиот јазик во официјалната комуникација на Владата на Република Северна Македонија. Еднаквата употреба на службените јазици не е техничко прашање или политичка желба, туку законска обврска, вредност на соживотот и основа на демократскиот поредок“, велат од ДУИ.
„Долго време албанските граѓани се чувствуваат исклучени од правото на еднаков пристап до јавните информации што произлегуваат од државните институции. Недостигот на албански јазик, преводи, задоцнети ажурирања и непотполни официјални веб-страници на албански јазик се јасен доказ за исклучувачки пристап што е спротивен на духот на Охридскиот договор и Законот за употреба на јазиците.
Уште позагрижувачки е намерниот селективен пристап: за други теми Владата реагира и информира, но кога станува збор за албанскиот јазик, одговорот е молк и игнорирање. Ова не е недостаток на капацитет, туку недостаток на волја.
ДУИ потсетува дека неспроведувањето на Законот за јазиците не е само прекршување на законот, туку и удар врз достоинството на албанските граѓани и го поткопува нивната доверба во институциите на државата. Јазичните права не се симболика, туку неразделив дел од граѓанските права.
Ги повикуваме институциите албанскиот јазик да го гледаат како заедничко богатство и обврска што ја зајакнува единственоста на државата. Еднаквоста, инклузијата и транспарентноста не смеат да останат само празни флоскули, тие мора да се видат и почувствуваат во секојдневниот живот на секој граѓанин.
Ако оваа влада не е подготвена да го почитува еден од клучните столбови на нејзиното законско и уставно функционирање, тогаш таа го изгубила моралното право да води мултиетничка и европска држава.
ДУИ внимателно ќе го следи овој процес и ќе бара институционална одговорност за овој дискриминаторски пристап“, се наведува во соопштението на ДУИ.