Свет
Северна Кореја истрела две балистички ракети

Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел кон морето во близина на источниот брег, соопшти војската на Јужна Кореја, пренесе „Ројтерс“.
Станува збор за четврто лансирање на Пјонгјанг за една недела, што ги зголеми тензиите на Корејскиот Полуостров, каде што морнарицата на Јужна Кореја, САД и Јапонија одржаа заеднички вежби против подморници во петокот за прв пат од 2017 година и откако американскиот потпретседател Камала Харис го посети регионот оваа недела, наведува британската агенција.
Две ракети со краток дострел беа лансирани од Сунан, северно од Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, се вели во соопштението на Генералштабот на војската на Јужна Кореја. Во соопштението се прецизира дека проценетиот дострел на ракетите бил 350 километри и дека летале на височина од 30 километри со брзина од 6 маха.
Јапонската крајбрежна стража извести за најмалку два теста на Пјонгјанг за кои се сомнева дека се балистички ракети.
Ракетите прелетале 400 километри и 350 километри, достигнувајќи височина од 50 километри, изјави јапонскиот министер за одбрана Тоширо Ино. Токио поднесе протест до Пјонгјанг преку дипломатски канали, рече Ино, додавајќи дека ракетите најверојатно летале по „неправилна траекторија“ и биле дизајнирани да ја избегнат воздушната одбрана.
Американската индо-пацифичка команда соопшти дека е запознаена со лансирањето на балистички проектили и оцени дека тие не претставуваат непосредна закана за американскиот воен персонал или територија или нивните сојузници. Исто така, се наведува дека САД остануваат цврсто посветени на одбраната на Јапонија и Јужна Кореја.
Северна Кореја истрела проектили пред и по посетата на американскиот потпретседател Камала Харис на Јужна Кореја, со што се додаде рекордниот број на тестови на оружје оваа година, а Пјонгјанг, исто така, го изврши првиот тест на интерконтинентална балистичка ракета оваа година од 2017 година.
Одбележувајќи ја 74-годишнината од Вооружени сили на Јужна Кореја, претседателот на Јужна Кореја Јун Сук-Јол ги осуди, како што ги нарече, неодамнешните воени провокации на Северна Кореја и вети дека ќе ги засили заедничките воени вежби со САД.
Специјалниот претставник на Јужна Кореја за мир и безбедност на Корејскиот полуостров, Ким Гун, имаше телефонски разговори со американските и јапонските колеги, во кои, како што рече, заеднички ги осудиле ракетните тестови на Пјонгјанг.
Советот за безбедност на Обединетите нации воведе санкции кон Северна Кореја поради нејзините балистички ракети и нуклеарни тестови.
Пјонгјанг ги отфрла санкциите како кршење на неговото суверено право на самоодбрана и истражување на вселената, потсетува Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Орбан е фантастичен, знам дека многу луѓе не се согласуваат, но јас сум единствениот што е важен

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е фантастичен лидер, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик.
Во видео објавено на фејсбук-страницата на премиерот Трамп го фали Орбан.
„Тука ја имаме Унгарија. Виктор! Го сакаме Виктор. Ти си фантастичен. Знам дека многу луѓе не се согласуваат со мене, но јас сум единствениот што е важен“, рече Трамп.
На покана на Трамп, Орбан присуствуваше на потпишувањето на договорот за крај на војната во Газа вчера во Египет. Трамп додаде дека го поддржал Орбан на последните избори и дека „тој победил со 28-процентни поени“.
„Затоа следниот пат ќе се покажете уште подобро. Сто проценти стоиме зад вас“, му рече тој. Орбан одговори во своето соопштение. „Ви благодарам, господине претседателе! Продолжуваме по патот на мирот!“, рече тој.
Свет
(Видео) Трамп: Го испратив Виткоф кај Путин, тој немаше поим ниту за Русија ниту за Путин

Претседателот на САД, Доналд Трамп, откри детали за необична средба со рускиот претседател Владимир Путин во говорот пред израелскиот парламент синоќа, во која, како што рече, неговиот специјален пратеник Стив Виткоф одиграл важна улога.
„Го испратив Виткоф да се сретне со Путин мислејќи дека ќе биде средба од 15 до 20 минути. Виткоф немаше поим ниту за Русија ниту за Путин. Тој не знаеше многу за политиката“, рече Трамп предизвикувајќи смеа кај израелските пратеници во парламентот.
Trump: “I sent Witkoff to meet with Putin thinking it would be 15-20 minute meeting.
Witkoff had no idea about Russia or Putin. He did not know much about politics.”WHO THE HELL SENDS A NOVICE TO NEGOTIATE THE BIGGEST WAR IN EUROPE SINCE WW2?! pic.twitter.com/xFlQGxfvxi
— Kate from Kharkiv (@BohuslavskaKate) October 13, 2025
Трамп откри дека состанокот траел пет часа и дека многу се изненадил поради тоа.
Виткоф беше бизнисмен и адвокат пред Трамп да го назначи за специјален пратеник за Блискиот Исток и мировните операции оваа година и тој постојано се среќаваше со Путин и со руски претставници како дел од преговорите за војната во Украина.
Свет
Сите летови откажани, најавени национални демонстрации во Белгија

Се очекува десетици илјади демонстранти да се соберат денес во Брисел во знак на протест против планираните намалувања на владиниот буџет, што последователно ќе предизвика големи нарушувања во воздушниот сообраќај и во функционирањето на јавните услуги.
Поради отсуството на безбедносниот персонал од работа на најголемиот аеродром во Белгија, „Завентем“, сите појдовни летови се откажани, како и неколку дојдовни, објави аеродромот.
На веб-страницата на аеродромот „Шарлроа“, втор по големина во земјата, се наведува дека ниеден авион нема да полетува или слетува таму.
Белгиската новинска агенција „Белга“ објави дека протестите ќе влијаат и на локалниот јавен превоз во сите три региони, при што помалку од половина од сите закажани автобуси, трамваи и метроа работат.
Белгиските медиуми известуваат дека тешкотиите ќе се почувствуваат и во собирањето отпад и во поштенскиот сектор. Сепак, железничкиот оператор СНЦБ соопшти дека додал повеќе возови до Брисел за да им овозможи на демонстрантите да патуваат до главниот град.
Трите главни синдикати, либералниот ЦГСЛБ, христијанскиот ЦСЦ и левичарскиот ФГТБ, заеднички повикаа на национални демонстрации против промените во пензиите и надоместоците за невработеност, како и падот на куповната моќ.
Полицијата ги советуваше граѓаните да не патуваат до Брисел со автомобил бидејќи многубројни патишта ќе бидат затворени поради очекуваниот прилив на демонстранти.
Фото: ЕПА