Економија
ССК: Правото на сопственост е неприкосновено, да се најде фер решение за топланите во Скопје

Сојузот на стопански комори ги повикува институциите на државата транспарентно да остварат дијалог со сопственикот на топланите Исток и Запад, компанијата „Адора инженеринг“ и безусловно да го решат прашањето во врска со топланите за навремено да се обезбеди топлинска енергија за градот Скопје.
„Само на овој начин државата ќе покаже дека имаме институции и владее правото во оваа држава, бидејќи и компанијата, а и граѓаните трпат огромни штети“, велат оттаму.
„Ги повикуваме, Регулаторната комисија за енергетика, ЕСМ АД Скопје и Владата како координатор на целиот процес во оваа кризна состојба да се најде праведно и фер решение за користење на топланите преку договор за закуп, кој нема да биде на штета на компанијата или со откуп на топланите од страна на ЕСМ АД. Јавно ја поддржуваме нашата членка ‘Адора инженеринг’, за која, како што може да се разбере од целата комуникација само сака да си ги наплати финансиските долгови, кои законски и следуваат. Во обид да најде решение прифатливо за сите засегнати страни истакнуваме и дека од компанијата „Адора инженеринг“ се доставени околу 100 дописи до надлежните институции, од нив 29 се до стечајниот управник, 25 до Регулаторната комисија за енергетика, 10 до ЕСМ АД, 4 до Владата. На сите овие дописи институциите останаа неми на потребата за решавање на проблемот и важноста на истиот и кон приватната домашна компанија, ‘Адора инженеринг’ и пред сè јавниот интерес и општото добро за граѓаните“, се вели во соопштението на ССК.
Оттаму истакнуваат дека „Сојузот на стопански комори на Македонија јавно ги повикува надлежните институции да го почитуваат принципот на владеењето на правото, како и со Устав загарантираното правото на располагање со приватна сопственоста и во најкус можен рок да овозможат остварување на владение од страна на „Адора инженеринг“ на топланите во Скопје, кои се купени во транспарентна постапка на јавно наддавање“.
„Имено, иако компанијата се стекна со сопственост врз топланите Исток и Запад во градот Скопје во септември 2021 година, сè уште нема владение врз имотот за кој што плати 9,26 милиони евра со сите давачки. На наддавањето Адора Инженеринг даде највисока понуда и ги купи топланите Исток и Запад за што навремено ја исплати целосната сума. И покрај тоа, пoради административни, институционални и други системски недоследности, како инвеститор, ‘Адора инженеринг’ не може и до ден денес, веќе 13 месеци од продажбата да го оствари правото на сопственост врз објектите на топланите и покрај тоа што ги употребија сите правни механизми за тоа.’ Адора инженеринг’ е принудена да финансира и дел од работењето на топланите со свои основни средства, а во исто време за тоа не може да добие ниту владение, ниту надомест. ‘Адора инженеринг’ трпи огромни финансиски и штета врз угледот на компанијата поради неможноста да го запише имотот што го купила под хипотека во корист на банката од која е обезбеден кредитот“, велат од Комората.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Цената на златото достигна рекордно високо ниво

Цената на златото се зголеми за 0,22 проценти утрово, достигнувајќи рекордно високо ниво од 3.184 евра (3.755 долари) за унца во 9:30 часот наутро по средноевропско време.
Цената на златото се движеше помеѓу 2.150 евра (2.536,91 долари) и 3.184 евра (3.755 долари) за унца во текот на изминатите 12 месеци, што е зголемување од 42,8 проценти. Пазарните очекувања за понатамошно намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви на САД (ФЕД) силно влијаеја врз цените на стоките, особено златото.
По инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп, ФЕД ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени минатата недела. Пазарите очекуваат уште едно намалување на стапките на следните состаноци на ФЕД во октомври и декември.
Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, на прес-конференцијата објасни дека каматните стапки се намалени поради слабоста на пазарот на трудот, но исто така предупреди дека инфлацијата е сè уште висока и дека се очекува дополнително да се зголеми поради воведувањето на царини.
Економија
Мицкоски на средба со претседателот на Стопанската комора на Дубаи

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Владата имаше средба со претставници од бизнис заедницата и Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи.
На средбата премиерот Мицкоски информираше дека приоритет на Владата е економската стабилизација на земјата, односно како што рече тој да донесеме што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.
„Прво би сакал да ве информирам дека во текот на изминатите четири квартали, дојдовме до раст на нашиот домашен производ од нас 3%. Оваа Влада беше избрана пред околу 15 месеци и од самиот почеток нашиот најголем приоритет е економската стабилизација на земјата. Би сакале да се претставиме како Влада којашто е ориентирана кон бизнисот, којашто сака да ги поддржува деловните и бизнис можностите. Да донесе што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.
Доколку го анализираме европскиот пазар, додаде тој, тогаш може да заклучиме дека имаме неверојатно достигнување, затоа што, како што кажа, европскиот пазар се соочува со огромни предизвици, особено кога станува збор за автомобилската индустрија.
Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи на средбата истакна:
„Растечката соработка меѓу Дубаи и Северна Македонија ја одразува нашата заедничка амбиција да изградиме отпорни економии и да поттикнеме одржлив развој. Трговијата меѓу нашите пазари достигна вкупно 495 милиони американски долари во текот на изминатите пет години, нагласувајќи го долгорочниот тренд на позитивен ангажман и растечки можности. Овој моментум се одразува и во растечкото присуство на македонските компании во Дубаи во различни сектори.“
Тој додаде дека Стопанската комора на Дубаи останува посветена на зајакнување на врските меѓу нашите деловни заедници и промовирање на инвестициски текови што ги унапредуваат нашите заеднички приоритети.
„Гледаме значаен потенцијал во ова партнерство и сме решени да осигуриме дека ќе донесе опипливи резултати преку проширена трговија и подлабока соработка за обликување на долгорочен просперитет на двата пазара“, рече Мохамед Али Рашед Лута.
Економија
Славески на конференција во Женева: Монетарната политика e претпазлива во согласност со предизвиците

„Монетарната политика и во иднина ќе биде претпазлива согласно предизвиците од неизвесностa поврзана со домашното и надворешното окружување. Народната банка и натаму проактивно ќе ги следи состојбите и ќе биде подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност“. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој учествува на панел-дискусија на 13-тата годишна конференција во организација на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на којашто присуствуваат и вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка Анета Крстевска.
Гувернерот Славески посочи дека во изминатите години светот се соочи со неколку последователни кризи, а македонската економија како мала транзициска економија, се соочи со повеќе шокови со кои успешно се справи задржувајќи ја макроекономската стабилност како резултат на институционалниот капацитет на централната банка.
„И во претстојниот период, особено важни ќе бидат широкиот монетарен инструментариум и силната координација со другите макроекономски политики заради натамошно закотвување на инфлациските очекувања и за обезбедување одржлив економски раст“, нагласи гувернерот Славески.
Тој додаде дека, и покрај очекувањата за постепено намалување на инфлацијата, и натаму има бројни ризици поврзани со динамиката на цените на услугите, при што ја посочи координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика како најважна во сегашниот економски контекст.
„Структурните предизвици, како што се процесите на деглобализација, непредвидливите трговски тензии, демографските промени, како и технолошкиот напредок со посебен акцент на вештачката интелигенција, и натаму ќе влијаат врз потенцијалниот економски раст и инфлацијата. За да се приспособиме кон овие околности, потребен е проактивен пристап и структурни реформи коишто ќе обезбедат отпорност на економијата и ќе придонесат за ублажување на инфлациските притисоци на подолг рок“, заклучи гувернерот Славески, нагласувајќи дека централните банки внимателно ги следат случувањата во светот и се подготвени навремено да реагираат.