Македонија
Герасимовски: Ветеното кон пензионерите целосно исполнето, отворени три пензионерски клуба
Општина Центар за помалку од една година отвори три пензионерски клуба, со што го исполни ветувањето и барањето на пензионерите во предизборниот период. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го отвори пензионерскиот клуб кој го носи името на најмладиот партизан Миле Арсовски, кој со своите 16 години жестоко се борел за ослободување на Скопје.
„Денеска, за помалку од една година од мандатот, успеавме да го исполниме барањето на пензионерите во предизборниот период, кое се однесуваше на отворање три пензионерски клуба на локации што самите ни ги посочија. Навистина ми е чест и задоволство да соопштам дека овој пензионерски клуб го носи името Миле Арсовски, име на најмладиот народен херој, кој живеел во близина на оваа локација. Благодарение на храброста на нашите борци денес живееме во слобода и од нашите највозрасни граѓани слушаме за неизмерната љубов и пожртвуваност на партизаните кон татковината“, изјави Герасимовски.
Со отворањето на овој пензионерски клуб општината брои вкупно 8 клуба за пензионерите, што ја покажува нашата грижа и помош за оваа категорија граѓани.
Општина Центар минатата недела го отвори пензионерскиот клуб во просториите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, каде што највозрасните граѓани од Крњево и Кале ќе може да се сретнуваат и дружат.
Општина Центар исто така за пензионерите го спроведува и проектот „Нега на стари лица во домашни услови“, со што обезбедува домашна нега од лиценцирани негуватели, физиотерапевти и психолози на 90 корисници со полни 62 години. Во соработка со Банката за храна, Општина Центар секој месец доделува пакети со храна и хигиенски производи за пензионерите со ниски примања.
Општината Центар ќе продолжи да работи силно и посветено за највозрасните граѓани во општината да имаат безгрижни пензионерски денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

