Македонија
(Видео) Ковачевски во Прага: Солидарноста е неопходна за да се надмине енергетската криза
Премиерот Димитар Ковачевски во Прага, во рамки на првиот состанок на Европската политичка заедница, учествува на лидерската тркалезна маса посветена на енергетиката и економијата. Заедно со премиерот Ковачевски на истата дискусија присуствуваа и премиерот на Шпанија, Педро Санчез, премиерот на Холандија, Марк Руте, премиерката на Обединетото Кралство, Велика Британија, и Ирска, Елизабет Трас, како и останатите лидери на европските земји.
Во фокус на дискусиите се сериозните нарушувања на енергетските пазари, како резултат на воената агресија на Русија врз Украина. Ковачевски заедно со лидерите на Обединетото Кралство, Шпанија, Австрија, Малта, Албанија, Холандија, како и Бугарија, Германија и Србија дискутираа за соработка и солидарноста низ Европа како неопходност во овој момент, а со цел земјите од Европа да се обезбедат и снабдат со енергија преку различни извори на снабдување.
Ковачевски ги истакна позициите, моменталната состојба во Северна Македонија, како и очекувањата и неопходноста од соработка за надминување на енергетската криза.
Беше истакнато дека регионот на Западен Балкан е еден од најпогодените, затоа што производството на електрична енергија е базирано на лигнит и тоа од многу стари термоелектрани на јаглен, кои во дадениот контекст се неефикасни.
Дополнително предмет на дискусија е економската состојба во земјите и намалениот глобален економски раст поради зголемена несигурност што ја поттикнува инфлацијата ширум светот. Лидерите потенцираа дека европските економии се соочуваат со зголемени цени и со прекин на синџирите на снабдување, а како резултат на тоа, централните банки почнаа да ги зголемуваат каматните стапки, што прави притисок на домаќинствата и бизнисите.
Владите обезбедија привремена поддршка за да се спротивстават на овие трендови, но заеднички е заклучокот дека потребни се нови механизми и итна помош за обезбедување долгорочни инвестиции кои го подобруваат растот, особено за финансирање зелени и дигитални транзиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Kовачки: Kај активисти на ДУИ пронајдено оружје, пари и списоци за гласање, приведени се
Лудилото со поткуп од страна на ДУИ и СДС не’ застанува. Штотуку ме информираа дека кај активисти на ДУИ било пронајдено оружје, биле пронајдени пари и биле пронајдени списоци за гласање. Истите биле приведени, тврди Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 3.
„Немојте да се плашите, ДУИ не смее да извади пратеник во тројка. Ве повикувам сите масовно да излеземе на гласање. А, за активистите на ДУИ им упатувам порака – на 9-ти мај ќе одговарате, за ова се лежи затвор. Ќе лежите сите од прв до последен. Нема да ве спаси Али Ахмети. Нема да ве спаси ниеден што ве пратил таму да правите поткуп. Бидете сериозни. Го кршите демократскиот процес“, порачува Ковачки.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: На дело покажавме како се грижиме за македонската култура и културното наследство, така и ќе продолжиме во следните 4 години
Коносителката на листата на СДСМ во петтата изборна единица, Бисера Костадиновска-Стојчевска во пораката до граѓаните да гласаат за европска и просперитетна држава ја нагласи заложбата на Социјалдемократскиот сојуз за заштита и афирмација на културата и македонскиот културен идентитет.
„Вложуваме во зачувувањето на културниот идентитет и националните интереси. СДСМ го потврди тоа изминативе години и со истиот дух и заложба ќе продолжи во следните 4 години. Инвестирањето во културата е инвестиција во нашиот идентитет и историја. Создадовме слободна и европска култура. Изработивме нов Закон за употреба на македонскиот јазик. Направивме вистински потфат во унапредувањето на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. Го заштитивме и го афирмираме македонскиот јазик, денес е признат и во Обединетите нации и во Европската Унија. Тој е потврден во сите стратешки документи и никој нема право да преговара за македонскиот јазик и идентитет“, ја потврди Костадиновска-Стојчевска, заложбата на СДСМ за постојана промоција на културата, идентитетот и историјата.
Таа ги истакна политиките на СДСМ за почитување и вреднување на трудот на културните работници и најави дека платите ќе се зголемуваат и во новиот мандат.
„Го почитуваме и го вреднуваме трудот на културните работници, после рекордните 52 отсто зголемени плати во овој мандат, во следниот платите секоја година ќе растат за 10 проценти“- уверува Костадиновска-Стојчевска и ги наброја приоритетите за следниот мандат: Продолжуваме со рамномерен културен развој и достапност до културното наследство, нови 50 милиони капитални инвестиции за локалните заедници. Зголемување на средствата од националниот буџет наменети за културата Унапредување на услугите од областа на културата, нов Закон за култура, Закон за финансирање во културата, Закон за манифестации и фестивали, Закон за дигитализација во културата.
Таа додаде дека грижата за заштитата на културното наследство ќе продолжи, како и спроведувањето на препораките и целосно почитување на стандардите на УНЕСКО.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска најави дека за прв пат СДСМ воведува културна дипломатија преку која ќе ја претставиме македонската култура пред светот, како и дека ќе продолжи поддршката за локалните самоуправи за инвестирање во културата.
Во таа насока изјави дека предвидени се капитални инвестиции за реконструкција и реновирање на поголем број објекти од културата, а веќе овој месец дека се започнува со реконструкција на кино Партизан.
„На дело покажавме како се грижиме за македонската култура и македонското културно наследство. Така ќе продолжиме и во следните 4 години. Со СДСМ нема откажување од македонската култура. Со СДСМ македонската култура, јазик и историја се признати и европски“ – ги повика граѓаните, коносителката на СДСМ во петтата изборна единица, да се одлучат за европска иднина и европска култура.
Македонија
Од полноќ почнува изборниот молк
На полноќ почнува изборниот молк пред парламентарните и вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат в среда.
Изборниот молк ќе трае до среда до 19 часот, односно до затворањето на избирачките места.
Се гласа на 3.480 избирачки места.
Утре (7 мај) гласаат иселениците, болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.
Според Државната изборна комисија (ДИК), за претседателските избори биле пријавени 1.814.317 гласачи, а за парламентарните избори вкупно 1.815.350 гласачи.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања, информираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, се појаснува во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги.