Македонија
Петровска: Решавањето на отворените прашања на Балканот клучно за заедничката безбедност
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во рамките на учеството на „2BS – To Be Secure“ форумот, во Будва, Црна Гора, говореше на панелот насловен „НАТО подготвено за иднината, спремно, силно и одлучно“.
Во фокусот на дискусиите беше улогата на НАТО во современите безбедносни случувања и целта да се спротивстави на предизвиците и да докаже дека е способно да одбие, одврати и брани.
„На последниот Самит во Мадрид, што беше многу важен во ова критично време, НАТО порача – дека секој сантиметар од својата територија е важен и второ, дека ги зајакнуваме нашите капацитети за да одвратиме и да се одбраниме“, рече Петровска.
Министерката Петровска на панелот на кој учествуваа и министрите за одбрана на Црна Гора, Рашко Коњевиќ, и на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ говореше за начините како може да се дојде до решение за сите отворени прашања на Балканот. Заклучокот од дискусијата е дека единствената гаранција за европска и просперитетна иднина на граѓаните на Западниот Балкан е дијалог и соработка.
„Кога на 24 февруари оваа година започна инвазијата, луѓето во мојата земја прашуваа дали сме безбедни, на што одговорив – да, безбедни сме затоа што сме земја членка на НАТО. Добро познатиот преспански договор го разреши спорот кој траеше повеќе од 20 години, помеѓу Грција и Северна Македонија. Потпишувањето на преспанскиот договор се покажа дека е најголемиот влог во безбедноста на нашата земја. Мојата порака е дека во одредено време политичките лидери мора да донесат сериозни политички одлуки што ќе значат инвестиција во иднината на земјите“, рече Петровска.
Министрите за одбрана на панелот разговараа и за актуелните предизвици со кои се соочува трансатлантската заедница, регионалните безбедносни предизвици со посебен акцент на последиците од руската воена агресија врз Украина, зголемување на отпорноста на демократиите, како и приоритетите за дејствување во трансатлантските односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

