Култура
Жири на „Киненова“: Режисерите треба да прават филмови какви што сакаат, а не за да ги задоволат очекувањата од публиката
Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ денеска ги претстави членовите на жирито кое ќе одлучува за наградите кои ги доделува фестивалот во главната селекција и во програмата за кратките филмови.
Претседател на жирито е унгарската режисерка Илдико Ењеди, а членови се Аида Бегиќ, режисер и сценарист од Босна и Херцеговина, Паво Маринковиќ, режисер од Хрватска и уметнички директор на филмскиот фестивал во Пула, Симоне Стараче, режисер од Италија и директор на „Фантафестивал“, кој се одржува во Рим, и Елеонора Венинова, македонска режисерка.
-Она што најмногу го сакам во нашата професија е што ние сме како земјоделци, ја ораме земјата, ја обработуваме, некогаш тоа е тешка физичка работа, а крајниот резултат, ако добро сме сработиле е деликатно израснат, исто како едно растение. За еден режисер неопходно е да биде прагматичен. Во таа смисла и онаа моја споредба со земјоделци, бидејќи некогаш мора да брзате затоа што надоаѓа лошо време, бура, а претходно треба да го жнеете житото, а некогаш треба и да чекате долго време за некои работи да дадат плод. Мораме да ги искористиме сите алатки што ни се на располагање и да се прилагодуваме. Јас сум многу страстен учител, и моите студенти не ги учам многу, туку работиме заедно како колеги. Имаше 9 добри години во унгарската кинематографија, имаше буџети, меѓународни копродукции, имаше храбри филмови, но сега контекстот е поинаков. Но, никогаш не е лесно. Мислам дека несигурноста секаде е иста. За да се биде млад независен режисер е подобро да работите во Европа, во однос на кадар, фондови…додека во САД може да ви се посреќи и да успеете, но и многу од талентите ја немаат таа среќа да си го покажат талентот, рече Ењеди.
За Аида Бегиќ, основната разлика е начинот на финансирање.
-Прашањето е за кого го правиме тоа? Дали правиме нешто што ќе циркулира на фестивалите? Или за нас? Но, тука постои и еден ограничувачки фактор кој ви кажува кога да го направите крајот и како да го направите крајот на филмот. Понекогаш во Европа во овој круг на финансирање авторите се ставаат на второ место. Оваа „пандемија“ зазема големи размери и мислам дека ни треба голема револуција за тоа да го промениме. За мене тоа е фрустрирачки. Заморен ми е процесот долги години да се објаснувам себеси и својата работа. Затоа мојот прв филм „Снег“ е целосно мој филм, го направив сосема независно. Првиот услов за независност на режисерот е тоа што не се инвестира доволно во културата, немате доволно домашна поддршка. Морате внимателно да ги изберете своите соработници, луѓе со кои сакате да работите, бидејќи станува збор за комплексен процес. Режисерите треба да прават онакви филмови какви што сакаат, а не за да ги задоволат очекувањата од публиката, вели Бегиќ.
Паво Маринкович раскажа дека во Хрватска се вложува во филмската индустрија, обуки и слично, но немале некои големи успеси, не беа номинирани за „Оскар“…
-Добивме грантови, но почна пандемијата и тие не можеа да почнат да снимаат. Имавме опасност и да немаме доволно филмови, одевме и ги молевме луѓето да ги довршат филмовите. Но, од друга страна индустријата застана. Можете да имате одличен филм, но немате каде да го пласирате. Сега сите снимаат филмови, а во Берлин и во Венеција не може да изберат два филма кои доаѓаат од просторите на поранешна Југославија, ќе изберат еден. Нема да дојдат 7 фантастични филмови од Хрватска кои ќе го добијат меѓународното внимание. На пример, на фестивалот во Пула има две проекции и на првата, Арената во Пула е преполна, а на втората се преполовува публиката. И во тие фестивалски денови режисерите постојано ме демнат за да лобираат чиј филм да биде на првата проекција, а чиј на втората. Тоа лудило, гледам многу уметници кои се мачат за да го продадат својот филм. Ковидот навистина направи еден дисбаланс во филмската индустрија и мора што побргу тоа да се врати во првобитната состојба, вели Маринковиќ.
Симоне Стараче организира фестивал на филмови од областа на научната фантастика и вели дека тие се многу важни, бидејќи се јавуваат нова генерација режисери кои се фанови на овие филмови.
-Повеќето од филмовите на нашиот фестивал даваат еден мета осврт, класична приказна, еден вид италијански одговор на американските филмови. Фестивалот постои од 1991 година, доста е познат во Италија и има и постара публика, но се појавува и млада публика. Некогаш тие разговараат со режисерите, актерите, се интересираат и тоа не радува, рече Стараче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

