Македонија
Македонската амбасадорка во Бугарија ги предаде акредитивните писма

Новоименуваната амбасадорката на Република Северна Македонија во Република Бугарија, Агнеза Руси-Поповска, денес му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
По свечената церемонија, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, беше одржана протоколарна средба, на која претседателот Радев ѝ посака добредојде на Амбасадорката со желби за успех во мисијата.
Амбасадорката Руси-Поповска се заблагодари за приемот и гостопримството и ја изрази подготвеноста посветено да работи на постигнување на благородните цели на мисијата за кои е назначена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќе нови службени возила отколку што има вкупно амбулантни – Левица бара средства за здравството и Центар за изгореници

Пратеничката група на Левица поднесе амандмани на ребалансот на Буџетот за 2025 година, со кои предлага зголемување на средствата за јавното здравство.
Со еден од амандманите се предлага издвојување на 1 милион евра за набавка на нови амбулантни возила, имајќи предвид дека, според нив, просечната старост на возниот парк на итната медицинска помош во државата изнесува 14 години, а над 70 отсто од амбулантните возила се донации.
Во образложението на амандманот се наведува дека во периодот 2023–2024 година, институциите набавиле 270 нови службени возила, додека вкупниот број на амбулантни возила на ниво на државата е околу 200. Според податоците што ги наведуваат, државата располага со над 2.600 службени возила.
Со друг амандман се бара издвојување на 10 милиони евра за изградба на нов Центар за изгореници, со образложение дека таков центар постоел во минатото, но бил затворен. Левица посочува дека по настаните во Кочани, се покажале слабостите на системот и потребата од посебна здравствена установа за третман на изгореници.
Пратеничката група смета дека со овие предлози се зајакнуваат капацитетите на јавното здравство и се одговара на потребите на граѓаните.
Македонија
Средба Перински – Суљевиќ: Зајакнување на билатералната соработка за одржлив регионален развој

На маргините на конференцијата на тема „Регионалниот развој во динамично променлив свет – Иднината започнува локално: Новата визија за одржлив и рамномерен развој“, што ја организира Министерството за локална самоуправа во Гевгелија, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари билатерална средба со министерот за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Црна Гора, Ернард Суљевиќ.
На средбата се разговараше за тековните инвестиции за регионален развој во двете држави, како и за потенцијалите за унапредување на билатералната соработка, особено во областа на регионалната политика.
Двајцата министри се согласија дека е потребно зајакнување на координацијата помеѓу централната власт и единиците на локалната самоуправа, како и активно вклучување на локалната самоуправа при подготовка и имплементација на развојни програми и проекти.
Министерот Суљевиќ, ќе говори на денешното отворање на дводневната конференција за перспективите на „Регионален развој во динамично променлив свет: Иднината започнува локално“.
Македонија
Скопскиот регион со најмногу интервенции, пожарите сѐ уште активни на седум локации

Во изминатите 24 часа, низ државата се евидентирани вкупно 32 пожари на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи. Според нивните податоци, седум пожари се сѐ уште активни, еден е локализиран, еден под контрола, а 23 се веќе изгаснати.
Најсериозни пожари се пријавени во општините Прилеп (с. Бешиште), Македонски Брод (меѓу с. Црешнево и Слатин), Чашка (во близина на Солунска глава), Чучер Сандево (меѓу с. Блаце и Чучер), Шуто Оризари (депонија кај хотел Њу Стар), Дојран (с. Николич) и Крива Паланка (с. Жидилово). Гори претежно нискостеблеста и мешана шума, а пожари има и на депонии и карпести терени.
Пожарот во градската депонија во Делчево е ставен локализиран, додека пожарот во с. Самаково, Македонски Брод, каде што горел лесно запалив материјал, е ставен под контрола.
На 23 локации низ земјава пожарите се изгаснати. Најмногу интервенции имало во Скопскиот регион – Сарај, Петровец, Аеродром, Ѓорче Петров, Чучер Сандево и Центар. Изгаснати се пожари и во Велес, Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Штип, Долнени, Боговиње, Брвеница, Желино, Врапчиште, Битола, Свети Николе и Прилеп. Гореле ниски вегетации, стрништа, лозја, депонии, како и мешани шуми.
Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во периоди на високи температури и зголемен ризик од пожари.