Свет
Обилните врнежи предизвикаа поплави во Австралија, властите наредија итна евакуација на граѓаните
Австралиските власти денеска ги повикаа граѓаните на југоисточниот дел на континентот да ги напуштат своите домови откако обилните дождови кои непрекинато паѓаат веќе два дена предизвикаа ненадејни поплави.
Водата се излеа во делови од државата Викторија, Нов Јужен Велс и северните региони на островската држава Тасманија, соопштија официјални лица, пренесе „Ројтерс“.
– Водата во нашите речни системи достигна критично ниво и очекуваме дека заканата од поплави ќе биде на сила во текот на оваа и следната недела – изјави за новинарите кризниот офицер на Викторија, Тим Вибуш.
Снимките на социјалните мрежи покажаа луѓе како шетаат низ вода до колена со своите миленици, некои во чамци за спасување, додека локалните медиуми објавија дека околу 200 коњи се загрозени во градот Мангалор.
На жителите на Ведербурн, мало гратче на 200 километри северно од Мелбурн, им беше наредено веднаш да се евакуираат поради можно пробивање на блиската брана.
Стотици жители на јужниот дел на Нов Јужен Велс ја поминаа ноќта во центрите за евакуација.
Метеоролошките служби предупредија на нов потенцијално опасен бран дожд следната недела.
Разорните поплави постојано го погодија источниот брег на Австралија од почетокот на годината поради климатскиот феномен Ла Ниња, кој носи повеќе дождови, пренесе Телеграф.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Свет
Поддршката за Бајден на најниско ниво во последните две години
Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна на најниско ниво во речиси две години овој месец, што одговара на најнискиот процент од неговиот мандат, покажа денеска објавената анкета на Ројтерс и Ипсос.
Истражувањето покажа дека само 36 отсто од Американците го одобруваат настапот на Бајден, што е намалување од 38 отсто во април.
Ова е враќање на најниското ниво на поддршка за демократски претседател во јули 2022 година, половина година пред Бајден да се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.
Поранешниот претседател Трамп има мала предност пред актуелниот претседател во клучните држави за кои се верува дека ќе го одредат победникот.
Друга анкета на Ројтерс и Ипсос, исто така, покажа дека многу демократи не се согласуваат со одговорот на Бајден на израелската офанзива на Појасот Газа, што дополнително ги загрозува неговите изгледи на ноемвриските избори.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.