Економија
Путин: На светот му се заканува глад, санкциите го прекинаа транспортниот синџир

Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека во светот постои реална опасност од глад, што е резултат на западните санкции кои го прекинаа транспортниот синџир, па сиромашните земји не можат да купат, меѓу другото, руска пченица и вештачки ѓубрива.
Говорејќи на Шестиот советодавен самит за соработка и мерки за градење доверба во Азија, што се одржа во Астана, главниот град на Казахстан, со овие зборови, Путин оптимистички оцени дека во тек се големи промени во светската политика и економија. Светот, вели, станува мултиполарен, а клучна улога почнува да игра Азија, чии земји стануваат локомотива на развојот на светската економија.
За да имаме стабилна ситуација во Азија, сите земји во тој дел од светот, според Путин, треба заедно да се борат против тероризмот и трговијата со дрога, да не пропагираат радикални идеи и повеќе да ги користат националните валути во меѓусебната трговија и со тоа да го зголемат националниот суверенитет.
Путин смета дека треба да му се помогне на Авганистан, бидејќи тоа е главната главоболка на регионот. Тој вели дека САД треба да надоместат за дваесетгодишната штета и да ги вратат замрзнатите девизни резерви на Авганистан.
На средбата, покрај домаќинот Казахстан, учествуваа и лидерите на Русија, Турција, Азербејџан, Ирак, Иран, Катар, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Палестина. Во таа организација има 27 земји, а статус на набљудувач имаа САД и Украина. Но, поради актуелната ситуација, лидерите на многу земји не дојдоа во Астана.
Рускиот претседател посочи дека неговата земја е за широка заемно корисна соработка – трговија, инвестиции и проширување на соработката во различни области, пренесе Новости.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.