Македонија
Маричиќ: Имаме напредок, но ги имаме и веќе познатите предизвици
Секретаријатот за европски прашања, преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги – УНОПС, денеска ја организира првата од трите планирани панел-дискусии со слоганот: „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“
„Како главен преговарач со ЕУ и координатор за кластерот 1, фундаментални вредности, ќе кажам дека Северна Македонија сè уште стои најдобро во регионот во овој кластер, кој е најважен за динамиката на преговорите. Зад нас се Црна Гора, со оценка 2,9, и Србија, со оценка 2,6“, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ.
„Имаме напредок, но ги имаме и веќе познатите предизвици. ‘Добро ниво на подготвеност’ е оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 , што е сигнал дека имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да ни даде поттик да го задржиме, односно да му дадеме нова динамика“, истакна тој.
Маричиќ ги истакна и оценките и нотираниот напредок во неколку области, во клучните, како правосудството, каде што се очекува задржување на трендот на независно и самостојно работење на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинителства, иако повторно се укажува на намалениот избор на судии и јавни обвинители.
Во однос на демократските институции, извештајот ја нотира „заложбата на државата да испорача резултати“ и очигледните напори за јакнење на демократијата и владеењето на правото.
Тој вели дека во извештајот оваа година е даден напредок и во изборните реформи, но Европската комисија е построга годинава кон Собранието, кое е предмет на остра критика поради активната блокада од опозицијата и доцнењето при носењето на законите важни за реформскиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.