Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Јавното обвинителство да се одважи и да отвори случај за аферата Броило
„Кога веќе Антикорупциска реши да биде адвокат во одбрана на криминалот на Ковачевски, тогаш Јавното обвинителство да се одважи и да отвори случај за аферата Броило од 26 милиони евра. Јавното обвинителство не смее да замижува пред фактите за криминалното здружување на соларниот картел предводен од Димитар Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов преку кој црпеле милионски суми државни пари додека граѓаните едвај преживуваат“ соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се со став дека „не може за обвинителството да молчи пред фактот дека овие пари соларниот картел ги заработил најмногу во периодот откако Ковачевски е функционер и во центарот да биде токму Пиксел груп, фирмата во која тој е еден од основачите“.
„Ковачевски и неговиот кум Паунов ја формирале Пиксел груп откако СДС доаѓа на власт и истата од 2019 до 2021 година добива над половина милион евра државна помош. И за да биде криминалот очигледен половина од времето Ковачевски е на функција. Воедно над 200.000 евра се земени во периодот кога Ковачевски е мандатар за состав на нова влада. И тука не запрел овој соларен картел со црпењето државни пари. КМГ ЕОЛ Квазар, фирма основана од кумот на Ковачевски добила речиси 2 милиони евра за тендери за поставување на фотоволтаични панели и тоа баш произведени од Пиксел груп, основана од Ковачевски и неговиот кум“ се вели во соопштението.
Оттаму посочуваат „дека без осет црпеле државни пари, покажува и фактот дека откако Ковачевски станува премиер фирмата која тој ја основал се заортачува со бугарска компанија и заедно градат фабрика во ТИРЗ Тетово во вредност од 54 милиони евра“.
„Поочигледен случај за криминал, злосторничко здружување и тргување со влијание, обвинителството и не може да најде. Се што треба е да собере храброст и да отвори случај за соларниот картел предводен од Ковачевски. 26 милиони евра се украдени од граѓаните во аферата Броило, пари кои можеле да се наменат за помош за граѓаните кои не знаат како ќе си ги платат сметките. Затоа ЈО не смее да молчи пред фактите и да застане во одбрана на криминалот. Одговорност мора да има!“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.

