Македонија
Владата: Немаме долг кон ЈСП

Владата најостро ги отфрлува обвинувањата за каков било долг кон ЈСП-Скопје, како што обвинува раководството на ова јавно претпријатие и најавува дека ќе протестира.
Воедно, ваквата состојба во којашто се наоѓа ЈСП, велат од Владата, е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските. Владата ги повика локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза.
„Согласно документацијата на Министерството за образование и наука, ова миинистерство редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности или, пак, со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП – Скопје. Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. ‘Кирил и Методиј’ во Скопје“, велат од Владата.
Додаваат дека нивна интенција како Влада е постојано унапредување и проширување на можностите за поддршка на студентите.
„Ова многупати досега е потврдено преку воведување нови категории на стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување на субвенциониран студентски оброк, доделување ваучери за поддршка при студирањето и така натаму.
Со нормализирањето на наставата со физичко присиство секако дека во буџетот на државата за 2023 година ќе се обезбедат и средства за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП. Во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство“, наведуваат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По врнежите од дожд и силните ветрови кои зафатија делови од државата, нема пријавени штети, соопшти ЦУК

По врнежите од дожд и силните ветрови кои зафатија делови од државата, до овој момент до Центарот за управување со кризи не се пријавени материјални штети или повредени лица, информираат од таму.
„Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со вработените од Оперативниот сектор и Дежурната служба, внимателно ја следи состојбата на терен.
Центарот за управување со кризи останува во постојана готовност и продолжува со координирани активности за обезбедување брза и ефективна институционална реакција при евентуални потреби“.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила надвор од градските средини

Поради изведба на проектот „Изградба на патна делница Градско – клучка Дреново“, дел од Коридор 10д, ќе има временa изменa на режимот на сообраќај на Експресниот пат А1, делница Градско – Дреново. Измените ќе важат од 04.08.2025 до 16.09.2025 година, при што сообраќајот ќе биде пренасочуван и регулиран со поставена соодветна сообраќајна сигнализација, соопшти АМСМ.
Според информацијата, во целост е отворен за сообраќај државниот пат А1 Градско – Прилеп од раскрницата кај бензинската станица Лукоил до клучката кај бензиската станица Салида.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Таравари од човек со став, стана потрчко на Ахмети, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ДУИ и нивните сателити реагираа. А и како не би врескале, кога Таравари конечно го положи испитот на максимална послушност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од АА на Таравари сега слушаме апсурдна логика: ако ВМРО-ДПМНЕ ги критикува, значи се на вистинскиот пат. Не, не сте!
Вие сте на патот на ДУИ. А тоа значи: пат на корупција, клиентелизам и лични договори зад грбот на народот. Кога ДУИ ќе ви аплаудира, кога нивните портали ќе ве бранат, кога поранешни противници ќе ве фалат, знаете дека сте направиле нешто многу погрешно“.
Во соопштението од владејачката партија велат дека Арбен Таравари не е нападнат затоа што некој се плаши од него. Напротив, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, жално е да се гледа како еден лекар, некогаш со кредибилитет, сега мора да се правда преку соопштенија на ДУИ и да се радува кога тие го „тапкаат“ по рамото.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека партијата е „нападната затоа што е пречка за криминалот на ДУИ и нивните нови соработници.
И тоа е вистинската причина за нервозата. А Таравари, колку и да се труди, нема да може да ја избрише вистината: од човек со став, стана човек со валкани домашни задачи. Да потпишува партиски соопштенија напишани во Мала Речица.
Дали е на „вистинскиот пат“, најдобро покажуваат анкетите. Од 2,7% поддршка, падна на 1%, а според некои и под 1%. Ако тоа значи да си на вистинскиот пат, да станеш потрчко на Ахмети, и да ти се сруши рејтингот тројно, тогаш навистина „добар пат“ има фатено.
На добар пат е Таравари да ја доживее целосната НДП-изација и ДПА-изација на својата структура. Да се сведе на 3–4 илјади клиентелисти што ќе чекаат Ахмети да им додели некоја функција или тендерче, со некоја идна влада на СДС, ако некогаш таква се случи. Таков е нивниот „пат“, таква им е стратегијата – и тоа е нивно право“.
Наше право и обврска како ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата на Мицкоски, е да внимаваме во иднина, во која било идна коалиција, никогаш да нема Таравари или некој сличен по „интегритет“.
Му порачуваат на Таравари да си ги обнови релациите со Филипче и со Заев и нека остане, како што велат, во друштво во кое најдобро се пронаоѓа.
„Ахмети ќе му најде место. А народот, ќе си пресуди. Како што знае“.