Македонија
МОН: Немаме долгови кон ЈСП, обврските кон сите субјекти се сервисираат редовно
Министерството за образование и наука редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти за што има регулирани законски надлежности или, пак, со кои има склучени договори по разни основи, кои иницираат финансиски обврски, што не е случај со ЈСП „Скопје“.
Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, оваа календарска година не е донесена ваква одлука од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Нашата интенција не е намалување на правата на идните академски граѓани, туку, напротив, постојано проширување на можностите за поддршка, што многупати досега е потврдено преку воведување нови категории стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување субвенциониран студентски оброк, доделување ваучери за поддршка при студирањето и така натаму.
МОН ќе предвиди средства во својот буџет за 2023 година за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владината одлука, тие би биле префрлени на ЈСП. Секако, во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеца од годинава доколку наставата во нив продолжи со физичко присуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

