Македонија
Спасовски на конференција на ДЦАФ: Направивме успешни реформи на безбедносните служби

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше на годишната конференција за преглед на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ), при што учествуваше на панел-дискусијата „Реформите во разузнавачкиот сектор во Северна Македонија – тековни постигнувања, останати предизвици и идни приоритети“.
Министерот Спасовски во текот на панел-дискусијата, меѓу другото, беше запрашан за оценка на сегашната состојба на спроведените реформи, при што тој истакна дека се направени успешни реформи на безбедносните служби, кои, како што рече, почнаа по т.н. скандал со незаконското следење на комуникациите и последователните препораки дадени од страна на Европската комисија (ЕК) преку овластената група независни и виши експерти за владеење на правото, предводени од Прибе, а следењето на комуникациите, правосудните и обвинителските органи и надворешните надзорни тела тогаш беа дефинирани како трите главни подрачја во кои се најмногу потребни итни интервенции.
„Во насока на операционализација на наведените приоритети, Владата на Република Северна Македонија ја постави реформата на безбедносно-разузнавачките служби високо на агендата во реформскиот план, а со цел создавање реформирана, професионална, независна и отчетна институција, која ќе постапува во согласност со нови строго пропишани законски норми, во согласност со високи етички и професионални стандарди, а во насока на исполнување на препораките на Прибе. Реформскиот пакет во сферата на следење на комуникациите, всушност, содржи два нови закона – Законот за следење на комуникациите и Законот за Оперативно-техничката агенција. Со цел усогласување со некои одредби од овие закони, во истиот период беа усвоени измени и дополнувања на сите други релевантни законски решенија, како што се Законот за електронските комуникации, Законот за кривичната постапка, како и дополнување на Законот за класифицираните информации. Нешто подоцна беше донесен и Законот за Агенцијата за национална безбедност, како и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со што се заокружи законската рамка за спроведување на реформите“, истакна министерот Спасовски.
Според министерот Спасовски, целиот капацитет на институциите треба да се вложи со цел граѓанскиот надзор и контрола да биде ставен максимално во функција. „На тој начин мислам дека ќе ја зајакнеме и довербата кај граѓаните во безбедносните служби, односно генерално во безбедносната заедница“, порача Спасовски додавајќи дека покрај легислативното потребно е да се направи и физичко одделување на АНБ од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Папазов од притвор оди во куќен притвор – за седуммина осомничени за пожарот во Кочани мерката е заменета

Поранешниот градоначлник на Кочани, Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка од функцијата по трагедијата во дискотеката „Пулс“, оди во куќен притвор, каде што се и неговите претходници на градоначалничката функција, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев.
Судот во Кочани на својата веб-страница денес информираше за донесените мерки за осомничените во истрагата, со што на седумина осомничени, мерката притвор им е заменета со куќен притвор.
„По изјавена жалба од осомничените преку нивните бранители изречената мерка притвор беше замената со мерка куќен притвор за тројца осомничени, а во понатамошниот тек од постапката по даден предлог на ОЈО Кочани за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор за 4-четири осомничени беше определена мерка куќен притвор“, пишува во соопштението на судот.
Ексминистерот за економија, Крешник Бектеши останува во притвор, додека неговите претходници, ексминистрите за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири, се во куќен притвор. За Дритон Кучи се изречени се мерки на претпазливост.
Пожарот во „Пулс“ ги однесе животите на 62 лица, од кои повеќето млади.
Прочитај и: Почина уште еден повреден во пожарот во Кочани, кој се лекуваше во Белград
Осомничениот полицаец за пожарот во Кочани по кој се трагаше сам се пријавил во Обвинителството
Македонија
(Видео) Тошковски од Приштина: Системот One Stop Shop ќе се имплементира на граничниот премин Јажинце

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес беше во работна посета на Приштина на покана на неговиот косовски колега, министерот Џелал Свечла.
Средбата беше за евалуација на имплементацијата на One Stop Shop системот кој официјално беше пуштен минатата недела на граничниот премин „Блаце-Елез Хан“ како и за усогласување на идните чекори за дополнително зајакнување на прекуграничното поврзување.
„Следната фаза на оваа соработка е имплементација на системот и на граничниот премин „Јажинце-Глобочица“ кој треба да се реализира во следниот период. One Stop Shop системот за патниците значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности а за нашите две држави тоа е ново поглавје на поврзаност со побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство“, потенцираше министерот Тошковски.
На средбата се разгледа и тековната соработка на двете министерства и полиции и можноста за нејзино унапредување во делот на размената на информации и борба со криминалот кој не познава граници.
Македонија
Собрани повеќе од 2 милиона евра за настраданите од пожарот во Кочани

Црвениот крст денеска соопшти дека на апелот за помош на повредените и за семејствата на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 100 беа повредени, се собрани над два милиона евра.
„Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со 17.4.2025 година, собрани се 128.011.651,00 денар за настраданите од пожарот во Кочани“, соопштија од таму.
Денес, Црвенот крст изврши трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000 денари.
Црвениот крст заедно со партнерите продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението.