Македонија
Ковачевски во ОАЕ: Фондовите во Абу Даби покажаа интерес за инвестиции во Северна Македонија
Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот директор Мохамед Хасан ал-Суваиди на „Развојниот холдинг на Абу Даби – ADQ“, како и други претставници на високото раководството, како дел од посетата на Обединетите Арапски Емирати.
Премиерот Ковачевски, заедно со министрите за финансии, Фатмир Бесими, за транспорт и врски, Благој Бочварски, и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги претстави можностите за финансирање и инвестиции во повеќе сектори.
Целта е да се зацврстат економските врски меѓу двете земји и да се поттикне значителен интерес за инвестиции во целните сектори, вклучително и обновливите извори на енергија, инфраструктура, туризам, земјоделство, здравство. На состанокот стана збор и за воспоставување директна линија Скопје – Абу Даби во насока на продлабочување на економската соработка.
![]()
Владината делегација ја истакна важноста од инвестиции и во услови на најголемата светска енергетска криза и воени превирања сè со цел да ѝ се даде стимул на економијата.
Двете страни констатираа дека постои голем потенцијал за развој на соработката меѓу двете земји и за реализација на инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во земјата со особен фокус на земјоделството и преработката на храна.
Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека минатата година се потпиша договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за заемна заштита на инвестиции, кој е многу значаен за поттикнување нови инвестиции од ОАЕ. Владината делегација ги презентира проектите од разни области, кои го привлекоа вниманието на раководството на овој фонд.
![]()
На состанокот беше заклучено дека од голема важност е зацврстување на соработката и можноста за инвестирање во разни сектори, кои имаат цел да придонесат за зголемена економска соработка и трговија меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Каде завршиле 2 милиони евра од Лотарија, пари на граѓаните украдени од СДС и ДУИ
ДЗР по извршената ревизија во Лотарија, за периодот на работа на раководството поставено од СДС и ДУИ, утврдило нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во износ од близу 2 милиони евра, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„2 милиони евра Перпарим Бајрами и Артан Груби, ги фалсификувале, злоупотребиле или прикриле. Сето ова, се случувало додека СДС биле со тилот свртени кон криминалот и немо одобрувале.
Јавноста заслужува одговори, дали СДС и ДУИ го дозволиле првиот од многуте криминали во Лотарија од 2 милиони евра? На кои сметки завршувале овие пари? Со кое право СДС го прикривал криминалот на кадарот на ДУИ? И зошто ЈО толку време немало постапено иако ние јавно баравме одговорност и за други предмети поврзани со Лотарија?
Ете како СДС и ДУИ ги раководеа државните институции, ги исцицаа буџетите, и ги испокрадоа парите, ги уништија претпријатијата“.
Затоа, како што нагласува Петрушевски, одговорност мора да има, а сега, како што вели, го нема Коцевски да ги штити.
Македонија
(Видео) Костовски: Дали Митевски чека трагедија за да го затвори „Зимзоленд“
И покрај утврдените неправилности и отворениот предмет во Јавното обвинителство за општа опасност, „Зимзоленд“ во Општина Аеродром и понатаму работи, реагираат од Левицата.
„Наместо итна реакција, градоначалникот се крие зад процедури и рокови и ја префрла одговорноста. Во меѓувреме, безбедноста на граѓаните, а пред сè на децата, е занемарена“, иостакна Горан Костовски, советник од Левица на прес конференција.
Според него законот е јасен: кога постои опасност, објектот мора веднаш да се затвори. „Но очигледно, како што вели, за градоначалникот Митески ова не важи.
„И покрај констатираните пропусти од повеќе инспекции, Градот Скопје и јавните предупредувања, досега нема ниту една конкретна мерка за затворање или отстранување на опасните реквизити“, рече тој.
Советниците од Левица јавно побараа општината да делува, но како што велат добиле само празни уверувања дека „процедурата е во тек“.
„Прашањето е едноставно: дали институциите ќе реагираат навреме или повторно ќе чекаат трагедија за да преземат одговорност?“, истакнува Костовски.
Македонија
Орце продолжува со скандалозни назначувања, партиски кадар со криминално досие на чело на Зоолошката, велат од Левицата
Левицата предупредува дека најавите за ново раководство во Зоолошката градина во Скопје претставуваат уште еден алармантен пример за тоа како градската власт ја сфаќа одговорноста кон јавните институции – како партиски ресурс, коалициски плен, места за негување хирови и амбиции на партиски кадри.
„Откога за в.д. директор на ЈП ‘Градски паркинг’, градоначалникот Ѓорѓиевски назначи лице што ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвинуваше за сериозни злоупотреби, сега оди чекор подалеку, со намера на чело на Зоолошката градина да постави лице осудувано за кривично дело поврзано со животни.
Наместо транспарентна постапка, стручност и интегритет, сведочиме на обид за инсталирање лице со сериозно контроверзно минато на чело на установа, која со години е симбол на негрижа, скандали и трагични последици врз животните. Фактот дека станува збор за поранешен партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, со судски утврдени дејства поврзани со измама со животни, отвора сериозни прашања за моралниот и етичкиот компас на градската власт, но и за мотивите зад ваквото назначување“.
Според оваа партија, по сите пцовисувања, извештаи за лоши услови, институционален хаос и целосна загуба на довербата кај јавноста, Зоолошката градина, како што додаваат, има потреба од радикална професионализација, „а не од политичка рехабилитација на кадри како Стево Ќирков (Стефан Кирков) со дамки во биографијата.
Во согласност со информациите, лицето Стево Ќирков неодамна било осудено на условна казна за измама со животни, односно за тоа што измамувал граѓани продавајќи им кучиња за 600 евра, без да им обезбеди педигре, иако претходно тоа било ветено. Во самата пресуда, врз основа на сведоштва, се наведува дека ова лице било познато и по други слични измами на повеќе лица. Дополнително, во 2021 година Ќирков издржува и три месеци затвор поради непокриени трошоци во друга судска постапка“.
Прашуваат дали против ова лице во моментот се води и друга истрага за кривично дело.
Бараат итно преиспитување на оваа намера од страна на Ѓорѓиевски.
„Јавниот интерес, безбедноста и благосостојбата на животните мора да бидат над партиските калкулации и амбициите на партиските другари“.

