Економија
Ангеловска-Бежоска: Стабилизирањето на инфлациските очекувања е приоритет за централните банки

Централните банки и политиките пто ги водат тие мора да бидат посветени на среднорочната стабилност на цените. Во услови на висока инфлација и инфлациски очекувања монетарните власти немаат многу простор да им се посветат на другите цели надвор од нивниот основен мандат, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во авторски текст за угледниот српски неделник „Нин“.
Таа посочува дека поради големата трговска отвореност на земјите од Западен Балкан, глобалните движења на цените имаат силно влијание врз инфлацијата во регионот, која во просек достигна 13,5 отсто. Иако производниот јаз во многу економии во регионот и натаму е негативен, инфлациските очекувања се под влијание на долготрајниот пораст на влезните трошоци, цените на храната и на знаците за преносните ефекти врз другите цени.
„Централните банки ќе мора да управуваат со инфлациските очекувања во сè понеизвесните економски услови надополнети со геополитичките фактори. Колку подолго има висока инфлација, толку е поголем ризикот во однос на инфлациските очекувања, кредибилитетот на политиките и отворањето на спиралата на платите и цените. Затоа, повеќе од сигурно е дека на глобален план го напуштаме амбиентот на ниски каматни стапки. Големите централни банки, кои ги диктираат условите за глобално финансирање, како ФЕД и ЕЦБ, веќе почнаа со затегнување на монетарната политика, а нивниот пример го следат и другите централни банки. Некои од централните банки во регионот доста агресивно ја затегнуваат монетарната политика, а други преземаат поумерени чекори. Ова укажува дека настрана од глобалните фактори, спецификите на националните економии ја условуваат поставеноста на монетарната политика. Главниот предизвик е да се избегне премногу проциклична монетарна политика и прекумерни трошоци за реалната економија и на тој начин да се зголемат ризиците за финансиската стабилност. Во оваа неизвесност еден од најважните столбови на политиката на централните банки е навремената и ефективна комуникација со јавноста“, пишува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката понатаму посочува дека во овој макроекономски контекст многу е важно да се задржи вниманието кон спроведувањето на структурните реформи, кои се клучни за подигнување на потенцијалот за раст и зајакнување на отпорноста на економијата. Таа наведува дека голем број од предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот денес се резултат на бавното спроведување на структурните реформи во минатото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.