Македонија
Ковачевски: Владата работи на заштита на државните и националните интереси
Премиерот Ковачевски денеска во Собранието на Република Северна Македонија ги нотираше приоритетните политики на Владата и притоа потенцираше дека оваа Влада со знаење и паметна политика единствено работи на заштита на државните и националните интереси. Но дека и истовремено ги осудува сите интерни и екстерни провокации за лични или туѓи интереси кои имаат за цел безбедносна, политичка и економска дестабилизација на државата.
„Ние го правиме тоа што нам ни доликува. Тоа се покажа дека е вистинскиот клуч, во едни од најтешките моменти од нашето постоење, за нашата врата, кон нашиот успех како држава и како народ.
Секојдневното справување со економската и енергетската криза, почетокот на преговорите со Европската Унија по 17-години чекање од добиениот кандидатски статус, со целосна заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, изградбата на едно општество за сите и мирот што го негуваме преку меѓуетничкото единство на домашен план – потврдуваат дека Владата е успешен и достоинствен претставник на народот, неговиот заштитник, чувар и водач напред.
Затоа, во една ваква Влада може да има место само за оние кои имаат вистински пиетет кон минатото, но не се заробени во него, кои гледаат подалеку од денес и кои во одлуките што се носат ги земаат предвид најголемите и најважни придобивки на блиската иднина. Бидејќи, ако денешнината припаѓа на денешните генерации, иднината им припаѓа и на нашите деца и на идните генерации“, рече Ковачевски.
Меѓу другото премиерот потсети на заедничката обврска на сите општествени чинители притоа истакнувајќи:
„Како што минатото сме го наследиле, сегашноста е наша обврска за да иднината ја создадеме и предадеме на следните генерации. Тоа е нашата мисија, света обврска од која не отстапуваме. Повикани сме, минатото нè има задолжено, да создадеме напредна држава, отворена кон натамошен прогрес.
Пред нас е исклучително важен период во којшто треба да се умее да се работи: вредно – по европски терк; обединувачки – во европски дух и храбро – да се носат одлуки, а не да се калкулира со лични рејтинзи“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.

