Економија
Бектеши: Ја направивме првата зелена транзиција во регионот

„Северна Македонија е првата земја членка на Енергетската заедница, која изработи Национален план за енергија и клима, кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност. Министерството за економија како креатор на политиките за енергетика со усогласување на законодавството во областа на енергетиката создава основа за развој на енергетиката и енергетската транзиција. Стратешкото планирање на политиките и идните чекори ќе придонесат за навремено и правилно постигнување на зацртаните цели“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, во своето обраќање на панел-дискусијата „Отворање на патот на зелената транзиција“ во рамките на конференцијата на „Економист“, која се одржува во Приштина со наслов „Самит на земјите од Западен Балкан 2022, градење мостови за мир, напредок и солидарност“.
Министерот истакна дека и покрај енергетската криза што ја зафати не само Северна Македонија, туку и цела Европа, развојот и инвестициите во енергетскиот сектор се еден од главните приоритети на Владата, со главна цел обезбедување одржливо снабдување со енергија, како и придвижување кон зелена економија.
„Главните цели на енергетската политика на Северна Македонија е привлекување инвестиции за изградба на енергетски капацитети и зголемување на искористеноста на обновливите извори на енергија, поточно инвестирање во зелена енергија, што ќе придонесе за заштита на животната средина, животот и ублажување на климатските промени. На крајот на 2019 година Владата ја одобри Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година како еден од најважните стратешки документи за нашата земја во областа на енергетиката и одржливиот развој. Стратегијата разработува три сценарија: референтно сценарио, сценарио за умерена транзиција и зелено сценарио, кои ја одразуваат разната динамика на енергетската транзиција и овозможуваат флексибилност на земјата да одговори на соодветните политики на управување во ЕУ кон модерна економија, конкурентна и неутрална во климатски услови до 2040 година“, додаде министерот Бектеши.
Како што нотира Бектеши, Министерството за економија континуирано поддржува активности за унапредување на обновливите извори на енергија и унапредување на енергетската ефикасност со цел да се реализираат поставените цели за учество на обновливите извори на енергија, дефинирани во стратешките документи во смисла на остварување на националната цел за заштеда на енергија.
„Во периодот 2019-2021 година Министерството за економија успешно изработи три тендерски постапки за давање право на користење на премијата за изградба на фотоволтаични централи на државно и приватно земјиште за вкупна инсталирана моќност од 140 MW. Досега се изградени 16 фотоволтаични централи по принцип на премиум со вкупна инсталирана моќност од 31 MW“, рече Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.