Македонија
(Видео) Тренчевска: Преку поддршката на приватниот сектор и граѓаните влијаеме на целокупниот економски раст и развој
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска заедно со заменик-постојната претставничка на УНДП, Сања Бојаниќ, и директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, присуствуваа на промоцијата на новата мерка од Оперативниот план за активни мерки и програми „Поддршка за креирање нови работни места преку зелени инвестиции“.
Тренчевска во своето обраќање ја потенцира успешноста на Оперативниот план за 2022 година кој досега има реализација од вкупно 75% за сите мерки и како најатрактивни ги посочи дека се мерките за самовработување и обуките за ИТ-вештини.
„Денеска ја промовираме мерката ‘Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции’ која треба да го поттикне создавањето нови вработувања и воедно да го забрза процесот на зелена трансформација на приватниот сектор преку воведување зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата“ – рече Тренчевска.
Мурати, пак, појасни што се предвидува со новата мерка од Оперативниот план.
![]()
„Со мерката се предвидува финансиска поддршка во вид на грант за 100 нови вработувања и истата изнесува од 205.000 денари до 615.000 денари, зависно од бројот на одобрени вработувања кај работодавачи од приватниот сектор, кои се заинтересирани за отворање на нови работни места и зелени инвестиции“ – рече тој.
Бојаниќ се задржа на зелената економија и анализите во државата.
„Според последните анализи, моделите на циркуларна економија во Северна Македонија може да генерираат до 8.000 нови зелени работни места и 47 милиони евра до 2030 година. Во тој правец, во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, ја дизајниравме пилот мерката за поддршка на приватниот сектор и отворање нови одржливи работни места преку зелени инвестиции. 100те планирани ново отворени работни позиции се можеби скромен, но многу важен придонес за отворање нов приод кон градење зелена економија со исклучително значајно влијание на пазарот на трудот и националната екононија“ – рече Бојаниќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

