Економија
Штедете денес за да имате утре!
На триесет и први октомври низ целиот свет се одбележува Светскиот ден на штедењето. По тој повод, во месецот октомври се потсетуваме на штедењето како важен дел на финансиското здравје на секој од нас. Како групација, Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе има близу 200 години традиција во штедење, значајно искуство што на клиентите им влева голема доверба и сигурност за своите пари кога станува збор за Шпаркасе Банка, како дел од оваа австриска групација.
Штедењето во сигурна, стабилна и, пред сè, банка со долгогодишна традиција, е најдобар начин за инвестирање во иднината. Причина плус да се чуваат парите на сигурно и безбедно во банка е тоа што средствата што се зачувани како банкарски депозит се заштитени од кражби, пожари, поплави и од сите други несакани ситуации што можат да се случат доколку средствата ги чувате во вашиот дом.
Во Шпаркасе Банка постојат повеќе депозитни производи во согласност со штедните навики и можности на клиентите. Па, така, за секој клиент Банката има соодветна понуда.
Навиката за штедење се создава од најмали нозе. Како родители, секогаш го сакаме најдоброто за своите деца, а тоа подразбира обезбедување најдобри услови за постигнување на нивниот полн потенцијал и градење здрави животни навики. Нашата одговорност како родители подразбира долгорочен план за финансиската сигурност за детето и неговата иднина. Притоа, потребно е да ги научиме нашите деца што значат парите и дека треба да се има правилен однос со нив. Еден од најефикасните начини да го постигнеме ова е отворање детски депозит.
Оваа банковна услуга е одличен начин за долгорочен влог во финансиската иднина на децата. Авантурата на штедење може да ја започнете со Медо Штедо и детското штедење каде што е предвиден минимален износ од 3.000 МКД и можност за дополнителни уплати за целото времетраење на договор за депозит.
На младите вработени што се посветени на поставување на постулатите на својот живот и се во фаза на инвестиции – одличен избор е Штеден План. Со Штеден План самиот клиент креира план за штедење и има можност да испланира определен месечен износ од своите примања, кој преку траен налог ќе се префрлува на депозитот и на тој начин континуирано ќе го зголемува конкретниот штеден влог. Оваа испланирана заштеда со фиксна каматна стапка за целиот период, како и со можност за дополнителни вложувања, на клиентот му овозможува остварување на посакуваните цели на долг рок и претставува одличен начин за паметно штедење.
За сите клиенти на кои им е потребна флексибилност – го препорачуваме Депозит Прогрес. Депозит Прогрес од Шпаркасе Банка, кој има промотивни услови до крајот на годината, е депозит со растечка камата и флексибилни услови. Во овој случај клиентот остварува сигурна заштеда, бидејќи колку подолго штеди – толку повеќе се зголемува каматната стапка. Кај овој производ постои можност за дополнителни уплати, што го прави особено атрактивен и паметен начин на штедење.
За клиентите што имаат веќе одредени заштеди и честопати велиме дека успеале да се изборат со најголем дел од животните предизвици – паметен избор е традиционалниот депозит. Токму кај традиционалниот депозит во денари – „Депозит Плус“ до крајот на годината имаме промотивна понуда со атрактивни каматни стапки за денарско штедење на 24 и на 36 месеци.
Штедите денес за да имате утре, паметно и внимателно одберете ја банката партнер во остварување на вашите блиски и далечни планови и желби, и не заборавајте ги најмладите и бенефитите што тие може да ги имаат од оваа благородна навика.
Шпаркасе Банка е членка на групацијата Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, која е една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и во Источна Европа, а за нејзината стабилност и традиција зборува фактот за непрекинато работење од близу 200 години.
Групацијата опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури. Во Македонија, групацијата е застапена со Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг и опслужува повеќе од 120.000 клиенти во 36 експозитури.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Време е за нов лаптоп, а не знаеш од каде да ја почнеш потрагата?
Пронаоѓањето на идеалниот лаптоп честопати знае да биде исцрпувачки процес. Помеѓу перформансите, дизајнот и цената, купувачите често поминуваат недели во истражување, чекајќи го вистинскиот момент за својата следна инвестиција.
За сите оние кои веќе некое време разгледуваат, но сè уште ја немаат донесено финалната одлука, Анхоч ја започнува својата најнова кампања која ги отстранува сите дилеми.
Под слоганот „Вистински избор. Во вистинско време“, компанијата нуди услови кои ја прават технологијата подостапна од кога било досега.
Технологија без финансиски бариери
Главниот фокус на оваа акција е олеснувањето на начинот на плаќање. Свесни дека квалитетниот лаптоп е неопходна алатка за работа, учење или креативност, од Анхоч овозможуваат купување до 24 рати со 0% камата. Ова значи дека корисниците можат да го добијат најдобриот уред веднаш, а да го плаќаат на рати кои не го оптоваруваат месечниот буџет, без дополнителни скриени трошоци.
Подарок за секоја нова приказна
Покрај одличните финансиски услови, секој купувач на лаптоп во овој период добива и подарок – квалитетен ранец. Со овој гест, Анхоч сака да ја заокружи корисничката вредност, обезбедувајќи сигурност и мобилност за новиот уред од првиот ден.
Избор кој не познава компромиси
Со понуда од над 200 модели, кампањата ги опфаќа сите сегменти:
· Бизнис корисници кои бараат издржливост и професионалност.
· Студенти и ученици на кои им е потребен лесен и функционален уред.
· Гејмери и креативци кои не прават компромис со перформансите.
Акцијата е веќе активна во сите продажни салони на Анхоч низ Македонија, како и на нивната онлајн продавница, и ќе трае до 02.03.2026 година.
ПР
Економија
„Гласот ми откажа“: Кандидати раскажуваат за исцрпувачкиот финален круг за работа во „Амазон“
Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.
Економија
ССКМ со поддршка за македонските транспортери
Сојузот на стопански комори на Македонија во која членуваат голем број на мали и средни компании директно поврзани со ланецот на транспорт и стоки кој се одвива во земјата и надвор од неа сериозно е загрижен за, како што велат, можните нарушувања кои ќе доведат до неконкурентна положба на македонскиот бизнис сектор.
„Стравуваме дека со продлабочување и пролонгирање на создадените проблеми во транспортниот сектор (камионскиот транспорт) и зависноста на македонските компании и странски инвестиции од 96% ,се создава можност за дополнителни фискални инпликации и намалување на нивната конкурентност на Европскиот пазар на среден и долг рок“, се наведува во соопштението на ССКМ.

