Црна хроника
Велешанка набавувала дрога за сопругот во затвор
Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
На 29 октомври, 30-годишна жена, неовластено, заради продажба, држела наркотична дрога марихуана во количина од 978,6 грама и хероин во количина од 0,31 грама. На тоа со умисла ја поттикнал второосомничениот – нејзиниот сопруг, кој се наоѓал на издржување казна затвор, а за да ја набави дрогата, ѝ помогнал третоосомничениот ставајќи ѝ на располагање средства за извршување на кривичното дело.
Сопругот телефонски ја известил осомничената дека треба да оди во Скопје и од таму да ја преземе дрогата, која потоа требало да му ја предаде нему во затворот. Таа го ангажирала третоосомничениот со неговото такси-возило да ја превезе. Во близина на Катланово оштетената излегла од такси-возилото, па ја купила дрогата од непознато лице за сума од 1.800 евра и се вратила во возилото, каде што му кажала на третоосомничениот дека ја набавила дрогата. Со автомобилот се упатиле кон Велес, но на наплатната станица „Сопот“ полициски службеници од СВР Велес извршиле контрола, ја пронашле и ја одзеле наркотичната дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основниот суд Велес достави предлог за определување мерка притвор против првоосомничената и третоосомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

