Македонија
(Видео) Трипуновски: Николовски издал нелегален документ за закуп на земјоделско земјиште, кое е градежна парцела во реон на општина Бутел
„Објавуваме уште еден скандал на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, овој пат поврзан со закуп на земјоделското земјиште во државна сопственост. Имено, со потпис на Љупчо Николовски како министер за земјоделство се доделува градежно земјиште во градежен реон на град Скопје како земјоделско земјиште. Дојдовме до информации и документи што индицираат на директна вмешаност на Николовски во огромна измама“, рече на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Трипуновски презентира „договор за закуп на земјоделско земјиште склучен помеѓу МЗШВ потпишан од Николовски, од една страна, и извесен Имер Нухи, од друга. Со овој договор Имер Нухи добива 1.564 квадратни метри градежно земјиште на територијата на општина Бутел под образложение дека закупил земјоделско земјиште во државна сопственост во време траење од 70 години за садење лешников насад“.
„Со овој договор закупецот добива право на градежно земјиште во урбана зона за надомест од 5.745 денари годишно. За јавноста да има точна претстава за што точно станува збор и за тоа дека има сериозни индиции за криминал укажува и самиот факт што квадратен метар градежно земјиште, во овој реон чини од 150 евра па нагоре, односно за целата парцела над 250.000 евра. Но, небулозите не застануваат тука. Огласот на кој се повикува повикот за закуп на Нухи е поништен, односно не дошло до легален избор за закуп, но сепак договорот е склучен и потпишан од министерот Николовски. Јавниот повик 01/21 врз основа на кој е дадено ова градежно земјиште под закуп е поништен на 12 јануари 2022 година со решение број 41-216/6 и тоа е објавено во ‘Службен весник’ број 9 истата година“, вели Трипуновски.
Тој вели дека „овој договор е нелегален и не можел воопшто да биде склучен. Но, симптоматично е тоа што и покрај тоа што е нелегален и не можел да биде склучен, сепак на овој договор стои штембил на МЗШВ дека е издаден од нивната архива, а на задната страна стои печатот на Министерството и потпис на министерот Николовски“.
„Го повикувам Љупчо Николовски веднаш да си поднесе оставка од позицијата, а ЈО да постапи по случајот и да поведе истрага по допрен глас“, рече Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

