Македонија
Мицкоски до Ковачевски: Лидерска за решавање на проблемите на граѓаните, а не за уставни измени
																								
												
												
											Покана сè уште немаме добиено и не го знаеме форматот на лидерската средба, не ги знаеме содржината и темите на кои би се разговарало, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе присуствува на лидерската средба откога вчера Димитар Ковачевски повика на неа.
Мицкоски испрати совет до Владата потенцирајќи им доколку се одржи лидерска тема, тогаш да се разговара за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, односно за нивно решавање и надминување додавајќи дека доколку власта мисли дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да разговара за уставните измени, тогаш очигледно е дека се лаже бидејќи, како што рече, ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е познат во јавноста, односно не прифаќаат уставни измени под овие околности.
„Мојот совет до Владата и до Ковачевски е доколку се случи таа лидерска средба, да разговараме за она што е навистина голем проблем за граѓаните – тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати, ниските пензии, високите сметки што ги плаќаат граѓаните, инфлацијата, енергетската криза, која со паѓањето на температурата веќе ќе ја почувствуваме сите, тоа се оние суштински проблеми, кои и според мерењето на јавното мислење, но и општествено вака што можеме да ги слушнеме од граѓаните, се актуелни. И како одговорни политичари треба да разговараме за надминување и решавање на тие проблеми“, вели Мицкоски.
Ако некој мисли дека ќе наметне теми што поларизираат, како што е за промена на Уставот, па дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па сега ние ќе зборуваме за нешто што е познато и константа во јавноста, тогаш се лаже бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат во јавноста, а тоа е непроменлив, односно дека под овие околности промена на Уставот нема, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Почнува изградбата на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
														Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, ќе го потпишат догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
На потпишувањето, кое ќе биде на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светската банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43. сесија на генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.

