Економија
Ангеловска-Бежоска – Аранитаси: ЕБОР ќе продолжи со поддршката на македонската економија

„Во услови на енергетска криза и раст на глобалните цени на енергентите, кои влијаат и врз девизниот пазар, домашните цени и животниот стандард, Народната банка целосно е посветена на остварувањето на својата основна цел – одржување на макроекономската стабилност“. Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерот Фадил Бајрами и претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.
Пандемијата, воениот конфликт во Украина и енергетската криза наметнаа нови предизвици, кои предизвикаа раст на цените на примарните производи, пред сè, на цените на енергентите и на храната, кои секојдневно имаат променливи движења на светските берзи и предизвикуваат нагорни ценовни притисоци. Овие движења имаат големо влијание врз домашната економија, која е високо зависна од увоз. Во вакви услови носителите на политиките имаат задача одговорно и навремено да одговорат преку мерки што ќе го ублажат растот на инфлацијата водејќи сметка истовремено и за економскиот раст. Одговорот на овие случувања од страна на Народната банка, како и на најголемиот дел од централните банки во светот, е постепеното монетарно затегнување. Воедно, Народната банка успешно ја одржува стабилноста на девизниот курс, што претставува главното сидро на вкупната стабилност на економијата.
Аранитаси истакна дека ЕБОР ќе продолжи со поддржувањето на македонската економија преку финансирање проекти од јавниот или приватниот сектор. Притоа, тој рече дека покрај проектите за поддршка на конкурентноста на македонската економија, посебно се поддржуваат проектите за преминување на македонската економија кон модел којшто овозможува позитивни ефекти врз животната средина.
Беа посочени и активностите на централната банка со кои се придонесува за ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата. Покрај низа активности за поддршка на зелените финансии, една од најновите мерки на централната банка е промената кај задолжителната резерва заради поттикнување на кредитирањето проекти поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.