Свет
Чавушоглу: На светот му треба руско жито и ѓубриво

На светот му треба руско жито и ѓубриво, договорот за храна треба да се продолжи, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
-Морам да забележам дека рускиот лидер покажа продуктивен пристап кон прашањето за обновување на договорот за храна. Јас, од моја страна, разговарав со министрите за надворешни работи на Русија и Украина, Сергеј Лавров и Дмитриј Кулеба. За некое време овој договор ќе истече. Русија сака да ги исполни ветувањата што ги даде при потпишувањето на договорот, има одредени позитивни движења во таа насока. На светот му требаат руско жито и ѓубриво, а за тоа е неопходно да се продолжи со работата на овој механизам – рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Истанбул.
Столтенберг од своја страна го поздрави продолжувањето на договорот за храна и се заблагодари на Турција за напорите во оваа насока.
– Благодарен сум на Турција и лично на претседателот Ердоган за преговорите за безбеден транспорт на украинско жито преку Црното Море, што ја ублажува ситуацијата со глобалната прехранбена криза. Го поздравувам продолжувањето на договорот за храна и напорите на Турција да ја одржи оваа рута – нагласи тој.
Тој исто така нагласи дека е важно да се обезбеди продолжување на иницијативата за извоз на жито и по крајот на 18 ноември, пренесе Новости.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Иранскиот режим е ослабен и веројатно нема да се врати на својата поранешна сила

Израелските напади го ослабнаа Иран, а иранскиот режим е малку веројатно да се врати на своето поранешно ниво на моќ, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Овој режим е многу ослабен и веројатно нема да се врати на својата поранешна сила, што ја прави иднината на земјата неизвесна. Ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи“, изјави Мерц за германската телевизија Велт на самитот на Г7 во Канада денес.
Тој додаде дека доколку се појави нова тешка политичка ситуација, Германија, Франција и Велика Британија повторно ќе бидат подготвени да понудат дипломатска помош, како што правеа до минатата недела.
Свет
Чешка и Словачка евакуираа 139 лица од Израел со владини авиони

Чешка и Словачка евакуираа 139 лица од Израел со владини авиони поради конфликтот со Иран, кој започна во петокот, објавија денес властите на двете земји.
Авион на чешката влада со 66 лица слета утрово во Прага. Ден претходно, словачки авион евакуираше 73 лица од Аман до Братислава.
Чешката министерка за одбрана Јана Чернохова изјави дека повеќето од 66-те евакуирани лица се чешки државјани.
Според чешките медиуми, конвој евакуирани лица тргнал од Тел Авив вчера утро и се упатил кон Шарм ел Шеик во Египет, каде што се качиле на авион. Тие биле транспортирани со автобус и ја преминале границата пеш.
Словачки владин авион со 73 патници, повеќето од нив Словаци, слета во Братислава во понеделник пред 19 часот, изјави министерот за надворешни работи Јурај Бланар.
Меѓу евакуираните имало Полјаци, Чеси, Австријци, Словенци и други.
Словачка денес испраќа втор авион, а и за утре е планирана евакуација на словачки и странски државјани.
Свет
Израелски министер: Нападот нема за цел соборување на иранскиот режим, но тоа може да се случи

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави дека целта на воените акции на израелската армија (ИДФ) не е да се промени режимот во Иран, дури и ако тоа е последица.
„Тоа не е целта, иако би можело да биде исход“, изјави Саар пред новинарите во Ришон Лезион, град во централен Израел кој неодамна беше цел на ирански напади.
Саар наведе три главни израелски цели во конфликтот.
„Прво, да се предизвика голема штета на иранската нуклеарна програма, а со тоа сè уште не сме завршиле“, рече тој.
Втората цел ја наведе како сериозно оштетување на програмата за балистички ракети на иранскиот режим, а третата како спречување на планот за уништување на државата Израел.