Свет
Прва средба на Шји и Шолц: Ситуацијата е нестабилна, мора повеќе да соработуваме
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг, утрово, на средба со канцеларот Олаф Шолц, првиот лидер на групата Г7 што ја посети Кина од почетокот на пандемијата, ја истакна потребата од поголема соработка меѓу Кина и Германија во „време на промени и превирања“.
Шји на првата средба во живо со Шолц по преземањето на функцијата канцелар, во Големата сала на народот во Пекинг рече дека Германија и Кина, како големи влијателни земји, мора повеќе да соработуваат во „време на промени и превирања“ за да има светски мир, пренесува „Ројтерс“.
„Во моментот меѓународната ситуација е сложена и нестабилна“, рече Шји и додаде: „Како големи и влијателни земји, во време на промени и превирања, Кина и Германија треба да соработуваат уште повеќе за да дадат поголем придонес за светскиот мир и развој“.
Шолц му рекол на Шји дека е добро што се сретнале лице в лице во тензични времиња истакнувајќи дека руската инвазија на Украина претставува проблеми за глобалниот поредок заснован на правила, според репортерот на „Ројтерс“ што ја придружуваше делегацијата на Шолц.
Шолц исто така рече дека двајцата ќе разговараат за прашања поврзани со односите меѓу Европа и Кина и борбата против климатските промени и глобалната глад, како и за тоа како да се развијат кинеско-германските економски врски, како и теми за кои имаат разни перспективи.
Поради строгата кинеска политика нулта Ковид, Шолц и делегација на германски претприемачи беа тестирани на Ковид-19 при слетувањето во Пекинг. Во исто време здравствените работници во заштитните одделенија влегле во авионот за да земат примерок, според новинарот на „Ројтерс“, кој патувал со делегацијата.
Шолц, кој исто така треба да се сретне со премиерот во заминување Ли Кечијанг, вети претходно оваа недела дека ќе ги иницира прашањата, како што се човековите права, Тајван и тешкотиите со кои се соочуваат германските компании при пристапот до кинескиот пазар, изјавија владини извори за „Ројтерс“.
Пред посетата имаше одредено ниво на критики кон социјалдемократот Шолц во рамките на Европската Унија и германската владина коалиција, главно од редовите на зелените и либералите. Тие тензии беа изразени минатата недела кога уделот во пристаништето Хамбург беше продаден на кинеската „Коско“ и покрај противењето на коалициските партнери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.
Свет
„Не се сигурен сојузник“: Белгискиот премиер го критикуваше односот на САД кон Европа
Белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за улогата на Соединетите Американски Држави како сојузник на Европа, наведувајќи дека на нивниот сојуз повеќе не може безусловно да се смета. Тој, исто така, остро се осврна на изјавите на Трамп за Гренланд и Русија, пишува „Гардијан“.
„Европа се наоѓа на раскрсница и мора да одлучи каква ќе биде нејзината политика. Досега се обидувавме да го смириме новиот претседател во Белата куќа. Бевме многу благи, вклучително и со царините. Бевме благи надевајќи се дека ќе ја добиеме неговата поддршка за војната во Украина. Но сега се преминуваат толку многу црвени линии што мора да се избере меѓу самопочитта. Едно е да бидеш среќен вазал. Но нешто сосема друго е да бидеш беден роб. Ако сега се откажеш, ќе го изгубиш достоинството. А тоа е, веројатно, најдрагоценото нешто што можеш да го имаш во една демократија“, изјави де Вевер.
Остро реагираше и на ставовите на Трамп за Русија и Гренланд, велејќи дека Европа мора да повлече граница: „Или ќе бидеме обединети, или ќе заврши 80-годишната ера на атлантизмот.“
Како пример наведе дека американски претставници на состанок за Украина рекле дека не сакаат да заземаат страна. „Ова го охрабрува Путин. Неговата сила е нашата поделба“, изјави де Вевер.
Свет
Зеленски останува во Украина, нема да патува во Давос
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека нема да патува на Светскиот економски форум во Давос, одлучувајќи да остане во земјата поради најновиот руски ноќен напад кој ја влоши енергетската криза.
„Без сомнение, во овој случај ја бирам Украина, а не економскиот форум“, изјави Зеленски. Тој додаде дека би размислил за присуство само ако постои реална можност да се донесат одлуки за дополнителни системи за противвоздушна одбрана и енергетска помош за Киев.
Во нападот загина едно лице, а три се повредени. Над 6000 згради во Киев останаа без греење, а делови од градот и без струја и вода. Зеленски изјави: „Имам план како да им помогнам на луѓето со енергетските проблеми.“
Фото: Depositphotos

