Македонија
Средба Османи – Ландсбергис
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на регионалната посета на балтичките земји оствари средба со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис.
Возвратната посета на Литванија се реализира на покана на литванскиот министер Ландсбергис, кој е воедно и домаќин на Вториот форум на високо ниво за иднината на демократија, што се одржува во Вилнус.
На средбата беше потврден динамичниот политички дијалог кој оваа година резултира со две билатерални посети во Скопје и Вилнус и претставува охрабрување за градење поблиски односи и партнерство. Во изминатите три децении, споделувајќи заеднички европски вредности, Северна Македонија и Литванија посветено градат мостови на пријателство и соработка, но и бараат решенија за справување со заедничките предизвици.
![]()
Министерот Османи се заблагодари за конзистентната и јасна поддршка на Република Литванија во однос на европската интеграција на нашата земја, како и за артикулирање на потребата од стабилен и демократски Западен Балкан и негово што поскоро пристапување во Европската Унија.
„Фактот што Литванија е дел од групата на пријатели на проширувањето е многу значаен и охрабрувачки за Северна Македонија“, потенцира Османи.
Во овој контекст министерот Османи брифираше за тековниот скрининг процес, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија, како и за активностите кои престојат во наредниот период.
Истовремено, новата динамика на геополитички случувања, како последица на војната во Украина, наметнува силна потреба од единство и поблиска соработка меѓу Европската Унија и алијансата.
„Зајакнувањето на Источното крило на НАТО-алијансата и нашата обединетост како НАТO сојузници во однос на одвраќање и одбрана на секоја педа од територијата на земјите членки на НАТО е придонес кон глобалната, регионалната и безбедноста на секоја поединечна земја“, истакна Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

