Култура
„Децата не се раѓаат со предрасуди“ – основци од Босилово и Гевгелија испратија моќни пораки за прифаќањето на различностите
Убавината е во различноста! – порачаа ученици од општините Босилово и Гевгелија.
Неколку стотици основци заедно со своите наставници, но и психолози и педагози од нивните училишта, учествуваа на завршните настани на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, што е инициран од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска.
„Сите деца имаат исти права“, „Сите ние сме исти“, „Децата се деца, без разлика на нивниот изглед“, „Секој е посебен на свој начин“, „Убавината е во различноста“ – ова беа дел од пораките што во изминатите два дена ги испратија деца од општините Босилово и Гевгелија. Неколку стотици основци заедно со своите наставници, но и психолози и педагози од нивните училишта, учествуваа на завршните настани на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, што е инициран од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, а во Македонија е реализиран во соработка со Здружението на граѓани за дисфункции, хендикеп, ретки болести и лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ и Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Станува збор за проект што во Шведска се реализира од 2014 година и дава одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година.

Трета година по ред во проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ се вклучија 15 училишта од целата земја, кои во два месеца реализираа работилници, разговараа, твореа. Како дел од активностите им беше да го проследат филмот „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“, во режија на Јохан Ског, снимен во 2020 година. За активностите со училиштата се погрижи музичката уметница Ребека Јанковска-Ристески, основач на „Дајте ни крилја“.
Домаќин на настанот во с. Босилово беше Коста Тимов, активист за правата на лицата со попреченост, амбасадор на лицата со аутизам, кој во својот етноресторан „Кај Виктор“ многу често организира настани и содржини во кои се случува вистинска инклузија на лицата со попречености. Тој ги поздрави гостите и им порача на децата да си ги отворат срцата и да ги прифатат сите другарчиња. Преку примерот на својот син Виктор, кој има 20 години, тој им долови на учениците дека со добра поддршка од средината, од врсниците, и лице со аутизам може да се образова, да напредува. Виктор Тимов е при крај со средното образование.

Учениците од селата Моноспитово, Иловица и од Босилово цртаа, пишуваа пораки на балони, што ги вивнаа во небото, прашуваа, разговараа. Во рамките на настанот беше отворена и изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“, на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска, а учениците заедно ја проследија и филмската проекција. Колку е важно да ги гушкаме, да им бидеме поддршка на другарите со некаква попречеснот, се согласија и децата. Од психолошко-педагошката служба на училиштето во Босиловo, психологот Горан Гогов посочи дека вакви проекти се неопходни во образовниот систем, кога децата преку уметност може да учат за предрасудите.
Вториот завршен настан се одржа во ОУ „Владо Кантарџиев“, каде што учествуваа ученици и од Богданци и од Стојаково.
„Во Гевгелија ме пречекаа со текст колку е важно сите заедно да живееме под исто небо и дека различноста нè прави поубави. Децата цртаа, слушавме музика, сите ги презентираа на сцената убаво испишаните пораки. Цртавме и на балоните, а сите тие хамери и балони ќе бидат закачени во училишниот хол. Сите беа срдечни, прекрасни. Разговарав со многу наставници, им пренесов искуства од наставници од Скопје, зборував за инклузијата на децата и колку е важно да бидат прифатени и треба секогаш да мислиме на нив“, вели Јанковска-Ристески.
Таа додава дека ваквите проекти се многу потребни и за учениците и за наставниците. Деновиве таа ќе ги посети и училишта во Велес и во Гостивар, каде што ќе се реализираат завршните настани на проектот.
Проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ и изложбата „И јас сум тука“ се поддржани од Шведскиот институт, како и од шведската амбасада во земјата. Основач на проектот е театарскиот режисер, продуцент и сценарист, борец за човекови права, Пер Јохансон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

