Македонија
Трпевска: Заедно со локалните самоуправи ги решаваме предизвиците во образованието и работиме на услови за поквалитетна настава
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, м-р Анета Трпевска, одржа работни состаноци со градоначалниците на општините Валандово и Крушево, на кои се разговараше за процесот на реконструкции и реновирања на училишните објекти во овие општини.
– Со раководствата на двете општини покрај за темпото на изведување на градежните зафати, разговаравме и за образовниот процес. Од страна на единиците на локалната самоуправа, бев информирана за предизвиците со кои се соочуваат училиштата во период на економско-енергетска криза. МОН како надлежен орган за спроведување на образовните политики им стои на располагање на сите општини во Северна Македонија за заедничко изнаоѓање на решенија заради континуирана и квалитетна настава, изјави Трпевска.
Трпевска за време на посетата на општина Валандово изврши увид во текот на реконструкцијата на ПОУ „Гоце Делчев“ во с. Пирава, каде со поддршка на Амбасадата на САД се вршат градежни зафати за подобрување на образованата инфраструктура и обезбедување услови за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес.
Државниот секретар го посети и ПОУ „Кирил и Методиј“, во с. Пресил, Крушевско, каде исто така во тек е реновирање и реконструкција на училишниот објект, со што учениците кои го посетуваат ова училиште ќе добијат современ и енергетски ефикасен објект.
За време на посетата, државниот секретар беше придружуван од претставници на проектот за унапредување на основното образование финансиран од Светска банка и експертскиот тим од Naval Facility Engineering System Command (NAFVAC) договорен орган на Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце продолжува со скандалозни назначувања, партиски кадар со криминално досие на чело на Зоолошката, велат од Левицата
Левица предупредува дека најавите за ново раководство во Зоолошката градина во Скопје претставуваат уште еден алармантен пример за тоа како градската власт ја сфаќа одговорноста кон јавните институции – како партиски ресурс, коалициски плен, места за негување на хирови и амбиции на партиски кадри.
„Откако за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ градоначалникот Ѓорѓиевски назначи лице кое ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвинуваше за сериозни злоупотреби, сега оди чекор подалеку, со намера на чело на Зоолошката градина да постави лице осудувано за кривично дело поврзано со животни.
Наместо транспарентна постапка, стручност и интегритет, сведочиме на обид за инсталирање лице со сериозно контроверзно минато на чело на установа која со години е симбол на негрижа, скандали и трагични последици по животните. Фактот дека станува збор за поранешен партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, со судски утврдени дејствија поврзани со измама со животни, отвора сериозни прашања за моралниот и етичкиот компас на градската власт, но и за мотивите зад ваквото назначување“.
Според оваа партија, по сите угинувања, извештаи за лоши услови, институционален хаос и целосна загуба на доверба кај јавноста, Зоолошката градина, како што додаваат, има потреба од радикална професионализација, „а не од политичка рехабилитација на кадри како Стево Ќирков (Стефан Кирков) со дамки во биографијата.
Согласно информациите, лицето Стево Ќирков неодамна било осудено на условна казна за измама со животни, односно за тоа што измамувал граѓани продавајќи им кучиња за 600 евра, без да им обезбеди педигре, иако претходно тоа било ветено. Во самата пресуда, врз основа на сведоштва се наведува дека истото лице било познато и по други слични измами на повеќе лица. Дополнително, во 2021 година Ќирков одлежува и три месеци затвор поради непокриени трошоци во друга судска постапка“.
Прашуваат, дали против ова лице моментоално се води и друга истрага за кривично дело.
Бараат итно преиспитување на оваа намера од страна на Ѓорѓиевски.
„Јавниот интерес, безбедноста и благосостојбата на животните мора да бидат над партиските калкулации и амбициите на партиските другари“.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Граѓаните го видоа предавството на Македонија во Собранието, мигранти за пари
Граѓаните го видоа предавството на Македонија, овде, во Собранието и тоа во живо. Премиерот Мицкоски вчера побегна од пратеничките прашања. Побегна од вистината. Побегна од дебата за Резолуцијата на СДСМ со која јасно и недвосмислено се затвора прашањето за мигранти во Македонија, вели Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Еден ден претходно замина за Брисел. Зошто? За да избега од прашањата и од дебата за Резолуцијата. Откако побегна премиерот, побегнаа и неговите министри. Затоа, во знак на протест против ваквото понижување на Собранието и на граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. ДПМНЕ свесно и намерно побегна од расправа во највисокиот законодавен дом, меѓу избраните претставници на народот кои имаат уставна обврска да расправаат и да одлучуваат за најважните национални прашања“.
Резолуцијата на СДСМ, додава тој, не беше поднесена затоа што ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, ниту гласање.
СДСМ, нагласува Димитријевиќ, нема да биде соучесник во ова национално предавство, мигранти за пари.
„Нека си ја потпишат таа предавничка Резолуција сами. Нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат – предавство на Македонија. А знаат и што следува за предавство. Сега веќе на сите им е јасно: планот е прво избори, а потоа – мигранти во Македонија, за пари.СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ова национално и државно предавство. Ова нема да им помине“.
Македонија
Куќен притвор и 24-часовен надзор за Љупчо Пецов-Ѓаволот, доставил документи за влошена здравствена состојба
Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода во предметот за јавноста познат како „Синџир“, соопшти судот.
„Со оглед што тој доброволно се пријавил на органите на прогонот и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која тој има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24-часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“.
Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка, информираат од судот, го прифатил предлогот на ЈО и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му биле и двете патни исправи.
„Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет“.

