Македонија
Стојаноски: Мнозинството да се изјасни за нашите предлози за справување со енергетската криза
Поминаа повеќе од месец дена од предлозите на Христијан Мицкоски и десетина дена од предлозите на пратеничката група со мерки за полесно справување со економската и енергетската криза на домаќинствата и стопанството. Владата, а и колегите од мнозинството предводено од ДУИ и СДСМ молчат како да не постојат иако еден дел ги прифатија. Ова го истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноски рече дека Владата го прифатила предлогот на Христијан Мицкоски снабдувањето на училиштата, здравствените установи и јавните водостопански претпријатија да плаќаат фиксна цена на електрична енергија неколкукратно пониска од пазарната цена. Владата прифатила да му помогне на дел од стопанството и со тоа прехранбената индустрија ќе добие фиксна цена на електрична енергија која е пониска од цената на слободниот пазар.
„Пред 10-тина денови Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија презентираше нов пакет на предлог мерки во интерес на граѓаните, а колегите сè уште немаат став по истите. Побаравме секој викенд до крајот на кризната состојба да е викенд без ДДВ за прехранбените производи. Побаравме да се врати мерката субвенциониран студентски оброк, но со износ од 160 денари дневно. Побаравме да се намалат акцизите на дизелот и бензинот. Побаравме да се одложи прогресивното оданочување за дополнителна една година. Побаравме да се даде финансиска поддршка на сите граѓаните на кои им е потребна, а не само на неколку илјади. За денес е закажана комисијата за финансирање и буџет на која единствена точка на дневен ред е Законот за финансиска поддршка на граѓаните. Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија поднесе 6 амандмани со кои бараме да се прошири опфатот на финансиската поддршка и за заборавените категории на граѓани“, изјави Стојановски.
ВМРО-ДПМНЕ со амандманите предлага финансиска поддршка од 3.000 денари да има за сите самохрани родители, а не само за оние чии деца се на возраст до 7 години и се приматели на гарантирана минимална помош.
„Бараме по 3.000 денари месечна финансиска поддршка за сите средношколци, деца без родители и родителска грижа, по 3.000 денари и за невработените лица кои се активни баратели на работа, како и за корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително сметаме дека поддршката за пензионерите е недоволна и не ги опфаќа сите и токму затоа бараме сите пензионери со примања до 18.000 денари да добијат месечна финансиска поддршка од 3.000 денари, тие што имаат до 30.000 денари да добијат 2.000 денари месечно, а останатите по 1.000 денари месечно.
За крај во услови на инфлација од 20%, а потрошувачка кошничка над 50 илјади денари која на месечно ниво се зголемува за најмалку 1.000 денари, Предлог-буџет за 2023 година од 5,3 милијарди евра, помош од 750 денари за лицата корисници на правото на надомест за телесна оштетеност е навреда. Најмалку што може да сторат колегите од мнозинството е заеднички да ја дуплираме помошта на 1.500 денари месечно за периодот до 30 април 2023 година.
Ова се амандманите на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија за денешната комисија. Пратениците од мнозинството да се изјаснат дали ќе бидат слепи послушници на власта или ќе работат во корист на граѓаните и Владата ќе мора да им даде финансиска поддршка на средношколците, децата без родители и родителска грижа, сите самохрани родители, сите пензионери, невработените лица кои се активни баратели на работа и корисниците на гарантирана минимална помош“, додаде Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

