Македонија
ССМ: Претседателот на синдикатот на „Водовод“ незаконски е избркан од работа
																								
												
												
											Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска објави дека претседателот на синдикалната организација на „Водовод и канализација” Стојанче Кашински добил отказ од страна на в.д. директорот на претпријатието Марјанче Митовски.
„В.д Директорот на ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје, Марјанче Митовски, продолжува со своето шерифско однесување и утринава спротивно на Закон и колективен договор му дал отказ на претседателот на Синдикатот во ‘Водовод и канализација’ Скопје што е преседан во работењето имајќи предвид дека в.д. директорот е непресметлива личност, со конфликтна состојба на работа, со лоши мисли, кој смислил дека како одговор на најавениот штрајк во ЈП Водовод и канализација сега е моментот да му даде отказ на претседателот на синдикатот Кашиковски“, велат од Сојузот на синдикатите.
Се додава дека согласно Закон и колективен договор на претседателот на синдикат не може да му се даде отказ, особено поради тоа што во моментот се спроведува постапка за штрајк и ваквиот притисок е порака за работниците да бидат послушници на Митовски, кој веќе и им испраќаше и заканувачки пораки на сите работници кои сега се остваруваат и покрај предупредувањето од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ што беше и едно од главните барања за разрешување на в.д директорот”, пишува во соопштението од ССМ.
„Отказот е даден поради тоа што конфликтниот Митовски лошо смислил дека работникот Стојанче Кашиковски е должен да извршува работни задачи и обврски за време на годишен одмор, а единствено одговорно лице кај правното лицесогласно Статутот на ЈП ‘Вододовод и канализација’ Скопје за извршување на тие задачи бил токму Митовски“, се наведува во реакцијата.
Од ССМ бараат итна седница на Управниот одбор кој како второстепен орган во претпријатието е надлежен да одлучува по приговори и жалби и да се укине решението за изрекување на дисциплинска мерка – престанок на работен однос. Од Управниот одбор бараат да утврди и зошто Митовски не ги спроведува нивните одлуки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43 сесија на Генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.
Македонија
Утре без вода дел од скопски Центар
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради дефект во шахта од ф – ¾ на ул. Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од ул. Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција. ( општина Центар )

