Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 8 именувани функционери од Владата на СДС и ДУИ ја чинат Македонија 1,5 милион евра, а пари за народот нема
Аферата „Паразити“ го разоткри аздисаното и апсурдно трошење на парите на граѓаните за плати на функционери именувани од оваа власт на СДС и ДУИ. Последниот пример за тоа се хонорарите на Андреј Жерновски и Кире Станкоски, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Андреј Жерновски добива месечен надоместок од 1.000 евра како координатор на проектната единица за изградба на клинички објект. Од Министерството за здравство до сега има добиено 18.000 евра, а граѓаните не може да видат ниту тула од неговото координирање. Вториот пример, пак, Кире Станковски, добива 2.000 евра месечно како генерален директор на Тутунскиот комбинат Прилеп, а во исто време тутунарите од Прилепско не може да си го наплатат трудот и едвај врзуваат крај со крај. Во еден мандат Станковски ќе заработи речиси 100 илјади евра.
Додека лицемерната власт на СДС и ДУИ ги тера граѓаните да штедат, дури ги тера студентите да преживуваат, дури крати средства за проекти во интерес на граѓаните под изговор дека нема пари, функционерите што ги именува добиваат баснословни суми за плати и хонорари.
Од досегашните примери видовме дека само 8 функционери именувани од СДС и ДУИ ја чинат Македонија приближно 1,5 милион евра. Аферата „Паразити“ ќе открие и нови случаи на раскалашено трошење во време кога народот гладува, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање конечна цена на водата“, порака од тркалезната маса
РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање на конечна цена на водата – е пораката од тркалезна маса „Иницијатива за промена на постапката за утврдување на тарифите за водни услуги и влијанието на соодветните тарифи врз најгорливите проблеми со кои се соочуваат комуналните претпријатија“ во организација на Здружение на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
Податоците покажуваат дека актуелниот начин на определување на цената е сложен, финансиски неодржлив, а услугата несоодветна поради што загубите на вода на национално ниво се искачија на 64%. Анализите на РКЕ покажуваат дека од 79 претпријатија што обезбедуваат водни услуги, за 20 од нив се донесени регулаторни одлуки, при што за 11 од нив советите на општините не дале согласност, а додека девет Јавни комунални претпријатија воопшто не ни поднеле барање за нова цена.
„Целта на ова иницијатива е преку интервенции во законските решенија да се создаде поедноставен, транспарентен и стабилен систем за утврдување на тарифите за водни услуги. Нудиме јасен и едноставен процес во формирање на конечната цена. Предлагаме кратење на бирократскиот процес, од шест во два чекори, со доставување на барање и утврдување на конечна цена . РКЕ подолго време алармира дека сегашниот начин на утврдување на цена е неефикасен: се доведува во прашање квалитетот на услугата, дефектите се зголемуваат, а јавните комунални претпријатија се борат за ликвидност“, изјави Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Анализите покажуваат дека од година во година трошиме поголеми количини на вода, а наплата се намалува и бројот на вработени се зголемува.
„Актуелните тарифи за вода не ги покриваат реалните трошоци и затоа јавните комунални претпријатија работат со загуба, па општините се приморани да ги субвенционираат. Последиците се мултидимензионални, а она што е најзагрижувачки е дека поради недостаток на средства, инвестиции нема и процентот на загуба на вода од година во година расте и сето тоа е резултат на старата водоводна мрежа. Со реализација на оваа иницијатива – ќе се создадат предуслови РКЕ да спроведе регулаторни одлуки и мерки со што ќе се обезбеди самоодржливост на ЈКП на долг рок. Ние дефинираме конечна цена, но предвидуваме и задолжителни средства за инвестиции и го ограничуваме бројот на вработени“, посочи Фатон Амбари член на РКЕ.
Македонија
Засилени контроли на градилишта во општина Аеродром: изречена казна од 𝟣 𝟥𝟢𝟢 евра за непочитување на Законот
Општина Аеродром изрече парична глоба од 1 000 евра за правно лице и 300 евра за управителот на истата фирма поради прекршување на Законот за јавна чистота.

„Санкциите следат по извршена контрола, при што инспекциските служби утврдија дека од градилиште во непосредна близина на ПС Аеродром во Ново Лисиче во сообраќај се вклучувале возила со валкани гуми, со што директно се нарушува чистотата на животната средина и се прекршуваат законските одредби.
Општина Аеродром потсетува дека ваквите прекршоци се недозволиви и дека ќе се санкционираат строго и без исклучок“, велат од Општината.

„Во наредниот период, Општина Аеродром, покрај редовните, најавува и засилени контроли на сите активни градилишта. Контролите ќе бидат насочени кон тоа дали се почитуваат сите мерки за заштита на животната средина, дали се преземаат обврските за спречување на загадување, дали се одржува јавната чистота на градилиштата и дали се избегнува узурпација на јавните површини при градежните активности.
Општина Аеродром упатува апел до сите правни и физички лица да ги почитуваат законите и прописите, затоа што само така можеме заеднички да обезбедиме чиста, здрава и безбедна средина за сите жители.
Општина Аеродром останува посветена на редот, хигиената и квалитетот на живот во урбаната заедница“, се наведува во соопштението од Општината.
Македонија
Фетаи во ООН: Борбата против корупцијата бара пристап заснован на факти и постојана институционална будност
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, се обрати на Глобалната конференција на ООН за користење на податоците во мерењето на корупцијата, која се одржува во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Настанот ги обединува високи претставници на земјите-членки, меѓународни организации и експерти од областа.
Во своето обраќање, заменик-претседателот Фетаи истакна дека борбата против корупцијата бара пристап заснован на факти, јасни листи на ризици и постојана институционална будност. Потенцирајќи ја важноста на точните и доверливи податоци, тој нагласи дека „корупцијата не се бори со претпоставки, со интуиција или со повремени интервенции, туку со факти, со институционална будност и со непоколеблива посветеност на јавниот интерес“.
Во овој контекст, Фетаи додаде дека „податоците не се само технички инструмент, туку и демократски инструмент кој ја зајакнува надзорната функција, ја насочува јавната дебата и го зацврстува општествениот договор меѓу државата и граѓанинот“.
Заменик-претседателот нагласи дека Република Северна Македонија останува посветена на зајакнувањето на институционалниот интегритет и усвојувањето на меѓународните стандарди за мерење на корупцијата, како дел од агендата за добро владеење и модернизацијата на јавната администрација.

