Свет
(Видео) Се тресеа зградите во Џакарта, силен земјотрес ја погоди Индонезија
Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала денеска неколку секунди го тресеше главниот град на Индонезија, Џакарта, соопшти Бирото за метеорологија и геофизика.
Според извештаите, епицентарот на земјотресот бил на копно во Сианџур, Западна Јава, на длабочина од 10 километри, пренесе „Ројтерс“.
Некои луѓе ги евакуираа канцелариите во централниот деловен кварт на Џакарта, додека други изјавија дека зградите се тресат, а мебелот се движи, изјавија очевидци за „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателката на Мексико: САД ни испратија и мигранти кои не се од нашата земја
Мексико минатата недела прифати и депортирани мигранти од немексиканско потекло, изјави денеска мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум.
Шејнбаум објави дека Мексико примило повеќе од четири илјади депортирани лица и дека мнозинството од нив се Мексиканци. Во таа бројка се вклучени луѓе испратени од САД со четири летови, пренесува Ројтерс.
Од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, сепак, нема значително зголемување на депортациите од САД во Мексико, рече Шејнбаум.
Претседателката претходно рече дека нејзината левичарска влада се противи на враќањето на програмата „Останете во Мексико“ на администрацијата на Трамп, според која мигрантите од немексиканско потекло ќе бидат вратени во Мексико додека го чекаат процесот на разгледување на нивната апликација за влез во Соединетите Американски Држави.
Свет
Турција: 19 уапсени поради пожарот во хотел во ски-центар
Турските власти приведоа 19 лица во врска со минатонеделниот пожар во хотел во ски-центар во северниот град Болу, објави државната новинска агенција „Анадолија“.
Уапсени се сопственикот на хотелот Гранд Картал, директорот, локалниот пожарникар и заменик-градоначалникот на Болу. Потерница е распишана и по вработен во фирмата за инспекција, стои во пријавата.
Пожарот, кој избувна рано утрото на 21 јануари, однесе 78 животи. Многумина од повеќе од 230 гости се обиделе да избегаат од хотелот скокајќи од прозорците или спуштајќи се со чаршафите. Инцидентот предизвика широки критики во Турција и обвинувања дека не се почитуваат мерките за спречување пожари.
Централната влада и општината Болу меѓусебно се обвинуваат за пожарот, со оглед на фактот дека градот е под контрола на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП). Мерките за безбедност на градежништвото често не се почитуваат во Турција. Во петокот вечерта, зграда во централниот град Коња ненадејно се урна, при што загинаа две лица.
Минатата година 29 лица загинаа во пожар во ноќен клуб во Истанбул. Во силните земјотреси на југот на земјата во 2023 година загинаа повеќе од 50.000 луѓе, делумно поради неисправна градба.
Свет
Израелски офицер раскажa што се случило со заложниците во тунелите на Хамас
Некои од израелските заложници ослободени од Газа како дел од примирјето биле држени од Хамас до осум месеци без прекин во тунели, лишени од дневна светлина и со мал или никаков човечки контакт, тврди израелски офицер.
Тројца израелски цивили и четири жени војници досега се ослободени како дел од прекинот на огнот, кој започна на 19 јануари.
За возврат, Израел ослободи 290 палестински затвореници.
„Некои од нив ни кажаа дека во последните неколку месеци или цело време биле во тунели, под земја“, изјави за новинарите Ави Банов, заменик-началник на израелските воени лекари.
„Некои од нив цело време биле таму сами“, рече тој.
„Оние кои рекоа дека се заедно (со други) се во подобра состојба“.
Израелската војска ги надгледува првите лекарски прегледи на заложниците по нивното пристигнување на израелска територија.
Ројтерс не можеше да дојде до вооруженото крило на Хамас за коментар.
Заложниците рекле дека нивниот третман се подобрил во деновите пред нивното ослободување кога им било дозволено да се тушираат, да се пресоблечат и да имаат подобра храна.