Македонија
Ковачки: Петровска да каже дали адресата на живеење ѝ е иста со адресата на хациендата со базен, а Ковачевски кога ќе ја разреши
На денешната седница во Собранието на Македонија пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, постави две пратенички прашања, едно до министерката за одбрана Славјанка Петровска, дали според податоците во нејзината лична карта адресата на живеење ѝ е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани, и второ прашање до премиерот Димитар Ковачевски, дали по понижувањата кон Петровска планира да достави предлог за разрешување на министерката.
„Имам две пратенички прашања, ова е анкетниот лист што го има доставено министерката Славјанка Петровска до ДКСК и тука нема пријавено никаков имот, има пријавено само два кредита и кредитни картички. Во 2007 година на парцелата којашто неспорно била во сопственост на министерката Петровска гледате дека нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела веќе гледате дека има куќа, бесправно изградена, без потребната градежно-техничка документација. Веднаш по тоа на лице место излегуваат лица од катастарот, прават увид и согласно тие системски проверки, го запишуваат имотот на име на министерката Славјанка Петровска. Во 2012 продолжува со дивоградба на објектот и гледаме дека веќе е изграден базен. Во 2016, тоа е последната година кога е градена дивоградбата, гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото во сопственост на почитуваната министерка. Министерката имаше и прес каде што кажа дека продала некое земјиште, но со цел да ја покријат нејзината лага веднаш на помош го побараа и директорот на катастар, којшто кажа дека земјиштето неспорно до 2020 е во сопственост на министерката. значи Петровска вели дека пред десеттина години го продала, директорот вели дека до 2020 година е во нејзина сопственост, а податоците од катастарот велат дека сè уште е во владение на Петровска. Пред мене имам сметка за вода којашто гласи на името на таткото на министерката со адреса на луксузната хациенда. Дали според податоците во вашата лична карта адресата на живеење ви е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани“, праша Ковачки.
Пратеникот Драган Ковачки постави и второ прашање до премиерот Ковачевски, дали по неговите неконтролирани испади со кои ја понижил министерката за одбрана како жена планира предлог за нејзино разрешување.
„Второ прашање до премиерот, дали откако со вашите неконтролирани испади ја пониживте министерката за одбрана како жена, а потоа и како функционер, а согласно изнесените аргументации на оваа говорница, планирате да доставите предлог до собранието за разрешување на министерката за одбрана“, нагласи Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

