Македонија
Кутиров: Започна примената на зелените царински декларации, царинењето завршува за еден час

Царинењето веќе се врши во целосна бесхартиена околина и притоа завршува автоматски за еден час, со т.н. зелена царинска декларација – објави директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
„Ова е голема новина во царинското работење, која на економските оператори им овозможува огромно забрзување на постапката, заштеда на време и ресурси. Истовремено, со ова Царинската управа станува институција со високо ниво на дигитализација, препознаена во земјата и во регионот“, вели Кутиров.
Во текот на вчерашниот ден обработени се вкупно 833 увозни и 538 извозни зелени царински декларации, и за истите царинењето е успешно завршено за еден час, што претставува 80% од вкупниот број на поднесени декларации.
Царинењето за еден час се овозможува за увозни и извозни декларации кои се правилно пополнети и автоматски валидирани, со електронски приложени сите документи и кои системот ги селектирал како неризични, односно зелени, кои не подлежат на дополнителни проверки и контроли, и за кои се платени или обезбедени царинските давачки. Во моментот кога декларацијата е селектирана од системот на зелен канал, започнува да тече тајмер подесен на еден час, по кој истата автоматски добива статус дека се пушта во слободен промет.
Оваа постапка за царинење на стоката, застапниците ќе можат да ја спроведат далечински, без потреба да доаѓаат во царинските терминали и да комуницираат непосредно со царинските службеници.
Комуникацијата со застапникот за останатите царински декларации, селектирани од системот или од царинскиот службеник за документарна контрола, врз основа на дополнителни сознанија, исто така ќе се одвива преку системот.
За оваа новина во изминатата недела беа спроведени обуки за царинските службеници и економските оператори.
Притоа, економските оператори ги поздравија заложбите на Царинската управа коишто се преземаат во континуитет за дигитализација и олеснување на трговијата, како важeн фактор за зајакнување на конкурентноста на компаниите и економскиот развој на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.