Економија
Компаниите растат ако има родова еднаквост на работното место
Во организација на „Филип Морис“, Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје, како членка на Алијансата за родова еднаквост при Асоцијацијата за е-трговија, во просториите на компанијата се одржа настан посветен на иницијативата која се стреми да придонесе за еднакви можности, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот и преку промовирање на важноста на родовата еднаквост, недискриминација и еднакви права и можности за сите да се постигне поголема конкуретност, диверзитет и подобри бизнис-резултати на компаниите.
Иницијативата има цел поттикнување создавање инклузивна култура, каде што, без разлика на полот, и жените и мажите се вреднуваат за својот уникатен придонес во работната средина, што креира нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања што влијаат на развојот на жените на работното место. Податоците покажуваат дека компаниите што негуваат вклучување жени на раководни позиции и промовираат еднаквост ја зголемуваат ефикасноста и, генерално, покажуваат подобри резултати во работењето и практикувањето на политиките за општествена одговорност.
Василка Салевска-Трајкова, менаџер за екстерни прашања во „Филип Морис“ – Тутунски комбинат Прилеп, истакна дека ФМТКП е компанија што вистински е посветена на промени и затоа напредува.
„Во Филип Морис сме фокусирани кон тоа да бидеме основоположници на што е можно повеќе трендови. Се сметаме себеси за лидер во иновации и истражување во нашата индустрија и, компанија која високо ја издигнува благосостојба на вработените а со тоа и поголема продуктивност во бизнисот. Фокусирани сме на искористување на целосните капацитети на вработените, и водејќи се од квалитетот, успеавме да ги лоцираме најкомпетентните, најпрогресивните, најамбициозните и во таа вкупна бројка обезбедивме родов баланс, каде подеднакво има поделба на колеги и колешки. Ја препознаваме важноста од воспоставување култура која го слави секој вработен, ги охрабрува сите да го донесат најдоброто од себе на работа и обезбедува еднакви можности за сите. Благодарни сме што Алијансата за родова еднаквост нѐ препозна како такви!“, посочи Василка Салевска Трајкова.
На настанот се обрати и Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
„Секоја од вас верувам ја знае мојата посветеност на промовирањето на родовата еднаквост во нашето општество, на подобрувањето на условите за живот, но и личен развој на жените, за еднаква плата за жените, но и еднакви можности. Затоа ви се обраќам пред се како жена, жена која верува во моќта на жените, нивните капацитети и квалитети. Како министерка гордо би ви кажала дека жените се приоритет во секоја моја одлука, посебно кога станува збор за нивната интеграција на пазарот на трудот. Свесна сум за важноста на економското зајакнување на секоја жена во Република Северна Македонија“, нагласи Тренчевска.
Министерката истакна дека Министерството посветено работи на развивање на програми и мерки кои го поддржуваат вработувањето. Притоа, информираше дека, за нецели 2 години, преку мерките на Оперативниот план за активни програми и мерки, се вработиле 3370 жени, а со вештини и квалификации барани на пазарот на трудот се стекнале 6035 жени, односно речиси 10.000 жени се вработени или работно- оспособени.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Алијансата за родова еднаквост, Д-р Нина Ангеловска потенцираше дека компаниите треба да преземат водечка улога во промовирањето на родовата еднаквост на работното место, како и да бидат пример за другите.
„Среќни сме што сѐ повеќе компании ја увидуваат важноста на негувањето на родово еднаква култура на работното место и почнуваат да имплементираат активности кои придонесуваат за поурамнотежена застапеност на двата пола на сите нивоа и позиции, еднаква плата и еднакви можности за напредок во компаниите. Особено нѝ е драго што Алијансата веќе има 10 компании кои се нејзини партнери и поддржувачи, меѓу кои и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, кои ќе играат активна и водечка улога во промовирањето на родовата еднаквост во нашето општество“, истакна Ангеловска во поздравното обраќање.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

