Македонија
Историската комисија не преговара за црковниот статус на МПЦ-ОА
Членовите на македонскиот тим во заедничката мултидисциплинарна и експертска Комисија за историски и образовни прашања тврдат дека не преговараат за црковното прашање на МПЦ-ОА, туку за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави и нејзиното значење во христијанството.
„И покрај јасно искажаните погледи и ставови на копретседателот од македонска страна дадени пред новинарите на 25 ноември по завршувањето на 22. средба, во одредени медиуми во изминатите три дена се пласираат информации и се емитуваат прилози со кои се шират невистини дека Комисијата го решава црковното прашање на МПЦ-ОА, дека дискутира за теолошки и црковни прашања, догми и канони или, пак, одредува чија е ОА. Притоа во правењето на овие прилози воопшто не е побарано мислење од членовите на Комисијата, а членови на Синодот на МПЦ-ОА, експертската јавност, политички партии и претставници на државни институции се доведени во ситуација да даваат свое мислење и да легитимираат измислена и непостојна тема само врз основа на неточни информации и паушални заклучоци. Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на ОА во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла“.
Од таму велат дека ова не е првпат работата на Комисијата и нејзините решенија да бидат предмет на манипулација, на паушални и неаргументирани заклучоци со цел потоа тие да бидат злоупотребени.
„Повторно сведочиме како свесно се создаваат непостојни проблеми и измислени закани за македонскиот идентитет, со што јавноста се доведува во заблуда и се манипулира со нејзините чувства, особено со чувствата на македонскиот народ. Повторувањето на овие дезинформации во однос на работата на Комисијата ќе ги сметаме за свесно инструментализирање на нејзината работа со цел остварување политички цели. Затоа повикуваме на одговорност во информирањето на јавноста за работата на Комисијата не само од страна на медиумите туку и од сите општествено-политички актери во македонското општество“.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

