Економија
Ковачевски: Инвестирајќи во патната инфраструктура, инвестираме во развој на економијата
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и заменик-директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Благојче Трпевски, беше на увид на делницата Дреново – Фариш и пробивање тунел на експресниот пат Дреново – Фариш. Втората делница од овој експресен пат е половина завршена и досега сите рокови се запазени. Тунелот кај Фариш, кој беше еден од најтешките делови на оваа траса, е со две цевки, од кои едната е целосно пробиена, а на другата цевка градежните работи течат со предвиденото темпо.
„Северна Македонија денес е во голем инвестициски циклус, целта на Владата е патната инфраструктура во државата да ја подигне на значително повисоко ниво бидејќи, инвестирајќи во патишта, автопати, делници, експресни патишта, инвестираме во развој на економијата во Северна Македонија. Откако успеавме да ги надминеме сите проблеми што ги носеше автопатот Кичево – Охрид, сега градежните активности таму се одвиваат со несмалено темпо, се градат и автопатите Скопје – Блаце, Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола, целата оваа патна инфраструктура ја прави Северна Македонија да биде регионално поврзана. Граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките од новата патна инфраструктура на експресните патишта: Штип – Радовиш завршена е првата фаза од патот Штип – Крупиште. Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта и Градско – Дреново, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка. Мојата заложба како премиер е Северна Македонија да биде инфраструктурно поврзана со модерни патишта со цел регион, тоа значи стабилност, тоа значи економски напредок, а само така ќе има квалитетен живот за сите граѓани“, изјави Ковачевски.
Премиерот додаде дека во државата почнаа да се менуваат работите бидејќи оваа земја има европска перспектива, а граѓаните заслужуваат живот според европски правила и европски стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

