Македонија
(Видео) Спасовски: Не користи мобилен додека возиш, не му е местото во сообраќајот
Министерот за внатрешни работи, денеска, се обрати на научен собир на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“, во партнерска организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Факултетот за безбедност и Министерството за внатрешни работи, што се одржа во амфитеатарот на Факултетот за безбедност во Скопје.
Министерот Спасовски во своето излагање потенцира дека секоја техничко-технолошка новина во себе носи важни дилеми, кои бараат соодветни правила на приспособување, особено ако практичните искуства покажуваат конкретни проблеми при користењето.
„Фактот дека според Светската здравствена организација одвлеченото внимание на возачот поради користење мобилен телефон се јавува како причина во безмалку една четвртина од сите сообраќајни незгоди, јасно ни укажува дека одредени модерни технолошки алатки едноставно не може да се користат секаде и во секоја пригода. Евидентно е дека се соочуваме со еден нов и потенцијално многу опасен феномен, кој во согласност со статистиките и аналитички согледувања има капацитет на крајно сериозна закана, чија цена се човечки несреќи и трагедии“, ја дефинира министерот Спасовски опасноста од користењето на мобилните телефони.
Министерот Спасовски истакна дека препознавајќи ја таа опасност, повеќе години сите релевантни институции од областа на сообраќајот не само што законски го нормираа како казниво поведение користењето на мобилните телефони при возењето туку интензивно се вклучија во превентивно дејствување и заеднички работеа на подигнување на јавната свест – дека на користењето на мобилните телефони не му е местото во сообраќајот, без разлика дали станува збор за управување моторно возило, минување на сообраќајниците или велосипедска рекреација, притоа не исклучувајќи ниеден учесник во сообраќајот.
„Сообраќајниот прекршок ‘зборување на мобилен телефон’ во последниот период бележи пораст, па во 2021 година биле процесирани дури 1.617 вакви прекршоци. Оваа година, од нејзиниот почеток, заклучно со крајот на септември, санкционирани се 2.128 возачи за користење мобилен телефон при возење. Како што претходно истакнав, порастот на бројката е резултат на рапидно зголемената активност на полицијата во санкционирањето непочитувања на сообраќајните правила и прописи“, ги презентира министерот Спасовски официјалните статистики од аспект на полициска работа. Претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Гордана Кожуваровска, потенцира дека, според истражување на РСБСП, на светско ниво 45 % од возачите користат мобилен телефон додека возат, а во Република Северна Македонија тој процент е дури 60 % од возачите.
„Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Не постои разговор на мобилниот телефон чија важност може да се спореди со пристигнувањето на посакуваната дестинација безбедно и во добро здравје“, сублимира Кожуваровска.
„Мобилните телефони во комбинација со управување со моторно возило може да бидат смртоносни алатки за тебе или за другиот учесник во сообраќајот. Застани, размисли, не брзај, внимавај! Опасностите се на секој агол, статистиките се поразителни! Кога возиш, остави ги за подоцна сите разговори на мобилниот телефон. Заштити се себе си и другите учесници во сообраќајот!“, акцентира деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, сложувајќи се со другите ученици на научниот собир дека ваквите стручни настани и вклучувањето повеќе институции и на стручните. но и на образовните, односно академски средини, може дополнително да придонесат за разбирањето и решавањето на ваквите негативни феномени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

