Македонија
Спасовски: Институционален приоритет е сообраќајната инфраструктура и подобрување на капацитетите во насока на безбедност на патишта

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на работилница за преглед на капацитетите за управување со безбедноста на патиштата во организација на Министерството за транспорт и врски и Светска банка како дел од важниот проект на Владата на Република Северна Македонија за поврзување на локалните патишта, поточно за рехабилитација на локалните сообраќајници, финансирано со средства од Светска банка.
Спасовски констатираше дека за Министерството за внатрешни работи, согласно законските надлежности и обврски, сегментот на безбедност во сообраќајот и понатаму ќе биде институционален приоритет, како поради фактот што безбедноста во сообраќајот непосредно влијае врз развојот – плановите, концептите, идеите – на сообраќајната инфраструктура и капацитети, така и поради најчувствителното прашање од аспект на полицијата – заштитата на материјалните добра и сигурноста на граѓаните во сообраќајот.
„Како министерство целосно ги ставаме на располагање потенцијалите на нашите соодветни служби, дотолку повеќе што за министерството односно полицијата, како непосредно инволвирана институција во делот на безбедноста на сообраќајот, е особено важно прашањето за квалитетно управување со безбедноста на патишта и подобрувања на капацитетите во истата насока, на регионално и на локално ниво.“, ја изрази подготвеноста на министерството, министерот Спасовски.
Министерот Спасовски посочи дека препораките односно приоритетните активности за безбедност на патиштата изнесени во Извештајот, како краткорочна стратегија за инвестирање, се и тоа како потребни, реални и остварливи, не само во поглед на Агенцијата за безбедност на патиштата, туку и во делот на потребните нови нормативни решенија, финасирањето, опсервацијата и еваулацијата, промовирањето и, бездруго – истражувањето и развојот.
„Интегрирана база на податоци за безбедност на патиштата и систем на анализа“, како и „Истражувањето за индикатори за безбедност во сообраќајот за 2023 година“ и „Кампањи за јавност и подигнување на јавната свест за полициските програми“, се од огромно значење во превентивно – едукативното делување. Убеден сум дека на тој начин ќе се постигне посакуваниот квалитет – конституирање на функционален и сеопфатен безбедносен систем, што во крајна линија ќе стане еден од столбовите на генералниот Проект, чии што дел е Извештајот.“, констатираше министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ на власт храната станува луксуз

Што имаме ние од скандинавската среќа што премиерот Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ сакаат да ни ја прикажат и да не разубедат дека во држава со 400 евра минимална плата и цените што дивеат, добро се живеело. Да, се живее, ама до 10-ти во месецот, потоа е период на преживување. Со ВМРО ДПМНЕ на власт, година и пол, храната стана луксуз, луксуз е минималната плата, луксуз е чистиот воздух и справувањето со отпадот, луксуз е правдата, луксуз е да се има достоинствен живот. Ама, не е луксуз рекордно задолжување, новиот долг од 1,8 милијарди евра за првите 13 месеци, без никаков реален и видлив ефект на развојот, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната граѓанска трибина под слоганот „Се бориме се нашиот дом“ што се одржа во Радовиш.
Додаде дека откако на власта не им успеале така наречените „кошнички“, кои се покажале дека биле само лажен пи-ар и откако не презеле ништо, Владата на ВМРО ДПМНЕ користела само спинови и манипулации.
– Реалните податоци кажуваат инфлација од 4 отсто, а власта со спин се обидува да каже минус 0,2 отсто, ама споредувано месец со месец. Вистината е дека реалната инфлација е 4 отсто, дека храната е поскапа 6,3 отсто, цените во рестораните и хотелите над 8 отсто. Колку сакаат нека прават спинови, граѓаните гледат и чувствуваат. Не им требаат бројки, знаат колку можеле да купат со истите пари пред една година, а колку може сега. Ќесата од маркет е се попразна и се полесна, се бира што да се купи. Премиерот треба да знае дека граѓаните не може да живеат од неговите спинови, туку од она што им останува во паричникот, потенцираше Филипче.
Тој ги повика радовишани на 19 октомври да излезат масовно на гласање и да го дадат својот глас за кандиатот за градоначалник на Радовиш од СДСМ и коалицијата, Ристо Спасов и за советничката листа од оваа коалиција.
Македонија
Мицкоски: Тоа што Филипче ме презира е помало гајле, поголемо е што ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови

Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери. Тие се уплашени од одговорност и затоа ова тесна мала група која што ја има киднапирано СДСМ, ја држи цела држава Македонија во грч. И како такво, јас ова го разбирам како потценување на гласачите и директна уцена врз цела држава, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски од митингот во Свети Николе.
Мицкоски се осврна и на трката за градоначалник на Град Скопје, посочувајќи дека кандидатот од СДСМ не е во трка со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку со независните кандидати.
– Јас ја кажувам вистината во очи, без оглед на тоа дали Филипче ме мразел или презирал, како што тоа го кажа на еден од последните митинзи. И тоа што ме презира е помало гајле, поголемо е што таа негова политика на навреди, на ниски зборови, кои што не би требало човек интелектуалец да ги кажува, па колку и да чувствува гнев кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ, ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови, а во некои општини, оваа политичка партија е трета, во некои е и четврта опција. Во главниот град, на пример, очекувањата се дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје нема да ја надмине бројката од 30 илјади гласови. Што во суштина, е далеку под нивниот биолошкиот минимум, и е доволна основа да биде трка не со ВМРО-ДПМНЕ и со Орце Ѓорѓиевски во Скопје, туку со некои од независните кандидати, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на довербата во судството, Мицкоски рече дека два проценти доверба во судството се последица на неказнетиот криминал и сознанието дека повеќе од 100 пријави стојат во фиоките на судиите и обвинителите кои им служат на СДСМ и ДУИ.
– Она што сега ги мачи е чувството и сознанието дека се ближи времето на одговорност и се стега обрачот и околу нив и околу оние кои упорно ги штитат. За тие што ги штитат, пак, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе каже дека биле големи професионалци, а тие кои што ги штитат и се нивниот последен бастион, се малкумина обвинители и судии, и поради нив денеска довербата на народот во обвинителите и судиите е скромни 2 проценти. Тие два проценти доверба се последица на секој неказнет криминал, на сознанието дека повеќе од 100-тина пријави држат во фиоки и ја штитат својата политичка олигархија по секоја цена. Тие малкумина се нивните лакеи и измеќари, кои што се уште и служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
Македонија
Спасовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува трагедијата во Кочани, тврди дека не се јавил да спречи контрола

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска ги демантираше, како што вели, лагите изнесени на прес-конференција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.
Овие лаги кои ги шири власта се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели, во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот ‘Пулс’ а сега се заштитени.
Сакам да им порачам дека со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани”, стои во објавата на Спасовски.
Претходно, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција праша, дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката Пулс? Што кријат ЈО и Коцевски?