Македонија
(Видео) Митева: Со новиот тарифник на Катастарот основните услуги се покачени и до 500 отсто

„Владата одобрила покачување на катастарските услуги и до 500 %. Лажни се тврдењата на директорот на Агенцијата за катастар, Тунџев, дека покачувањето е само 30 %. Денес ќе презентираме докази кои покажуваат како власта преку нов тарифник за услугите удира по џебот на граѓаните, геодетите, нотарите, банките, но во крајна линија и по народот, зашто тој е краен корисник на сите услуги што ги овозможува системот“, рече на прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако до сега за вадење векторски податоци од базата на инфраструктурни објекти се плаќало по 183 денари, од сега со дозвола на Владата на Ковачевски ќе се плаќа 1.250 денари. Тоа се 583 % покачување. За вадење координати, односно за геодетска и детаљна точка, се плаќало 67 денари, сега се плаќа 250 денари. Со дозвола на Ковачевски имаме 519 % покачување. За известување по електронски пат за поднесени пријави и извршени промени во еден имотен лист се наплаќало по 50 денари, сега се наплаќа по 250 денари. Тоа е покачување од 400 %. За впишување промена на носител на право и вид на право во постапка на одржување се плаќало 300 денари за сега со дозвола на Владата да се наплаќа 1.250 денари. Tоа е покачување од 316 %“, рече Митева.
За намалувањето, таа смета дека „мизерно намалување што се мери во нула запирка неколку проценти се гледа во некои периферни услуги, кои граѓаните практично многу ретко ги користат. Тука имаме намалување од 0,57 % за услугата за вадење векторски формат на граници за комплет населени места и исто вакво срамно намалување, што не може ниту да се квалификува како такво, а спаѓа во категоријата статистички грешки е вадење геореференцирана вертикална претстава на катастарскиот план, услуга што до сега се наплаќала 756 денари, а од сега ќе се наплаќа 750 денари, замислете 6 денари намалување или тоа е намалување од 0,79 %“.
Владата и Агенцијата за катастар се погрижиле да ја имаат и најскапата државна услуга не само во Македонија туку можеби и во регионот, а тоа е воведување нова услуга, таканаречено издавање сервис за спој катастарски парцели/ згради, кој за територијата на цела Македонија би чинел 1 милион евра. Со оваа нова услуга Катастарот на Македонија ја има најскапата јавна услуга на светот и чини 1 милион евра“, вели Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ОЈО треба да се издига на клоци по она што го видов во службите, вели Ковачки

„После денешната посета, тоа што може да го заклучам е дека јавното обвинителство треба да се издига на клоци”, реагира на социјалните мрежи, Драган Ковачки пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнува во напишанот, оценува дека има класични прекршувања на законите и злоупотреби за кои досега морало да има обвинение.
„Мора да се расчисти со филм-мејкерите на чело со нивните наредбодавци. Холивуд може вода да носи!
Не смее да има застарување на предметите под плаштот на класифицираност на постапки, а не смее да има и јавно објавување и ,,забава за народ” заради легалноста на постапката.
Поради природата и сензитивноста на состојбите, имајќи во предвид дека сум обврзан, нема да зборувам повеќе“, пишува Ковачки.
Македонија
Инвестициски бум во здравствениот сектор, интензивно се работи на реконструкцијата на ГОБ „8 Септември“, вели Алиу

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, денеска изврши увид во градежните активности на реконструкција и адаптација на оперативниот блок и на интензивната нега во ГОБ „8 Септември“, Скопје.
„Во здравствениот сектор имаме инвестициски бум во инфраструктурата, технологиите, човечките ресурси, затоа што ние веруваме дека со зајакнување на овие три столба ќе ги подобриме здравствените услуги за граѓаните. Денеска, видовме инвестиција од 12 милиони евра, од кои 750 квадратни метри се операциони сали. Станува збор за седум операциони сали, од кои едната е за роботска хирургија, првпат во нашата држава. Исто така, и 500 квадратни метри за лаборатории со најнови технологии. Ценам дека овој пристап ќе придонесе кон европско здравство, при што услугите ќе бидат дадени во реално време и со квалитет според строги протоколи“, истакна Алиу.
Со оваа значајна капитална инвестиција, според соопштеното, значајно ќе се подигне степенот на давање здравствена заштита во најмодерни услови и по најсовремени европски и светски стандарди.
Предвидени се седум нови операциони сали со површина од 750 м2, од кои две за абдоминална хирургија, две за уролошка интервенција, две за уво нос и грло и една за очна хирургија. Проектот предвидува и нова апаратура со најсовремени болнички услови за пациентите и за здравствените работници, а целосно ќе се санира и покривот на болницата.
На одделот за интензивна нега на површина од 500 квадратни метри предвидени се седум целосно опремени бокса за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија.
Македонија
Мицкоски се извини за Фетаи: Тој се труди да го учи и зборува македонскиот јазик, не го знае оти се иселил на шест години

Потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, течно зборува четири странски јазици, а македонскиот сѐ уште го учи оти се иселил од државата на шест години. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го оправда Фетаи, кој во вторникот на новинарско прашање поставено на македонски јазик одговори на албански и рече дека „уште не е спремен на македонски“.
„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее во Белгија и говори течно четири јазици – француски, холандски, англиски и така натаму, да не ги редам сега. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија зад себе. Школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата, како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба, да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам колку енергија вложува во тоа изминатите 15 месеци“, рече премиерот Мицкоски.
Тој денес им се извини на новинарите за постапката на Фетаи и рече дека вицепремиерот згрешил, но не во почитувањето на македонскиот јазик, туку во ангажирањето преведувач.
„Единствената, според мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе со себе преведувач. Јас во мое име им се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговараме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да случи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.
Тој воопшто не спомена можност за разрешување на Фетаи како што веднаш јавно побара опозицискиот СДСМ поради непочитувањето на македонскиот јазик.